Македонија
(Видео) Спасовски: Првите 100 дена од мандатот на Митовски се сведени на гол популизам
Во овие 100 дена градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашо Митовски, со поддршка од советниците од СДСМ ја зголеми цената на водата за пиење на 30 денари за метар кубен. Денеска граѓаните плаќаат најскапа вода за пиење во историјата на Крива Паланка. Исто така, во овие 100 дена градоначалникот и советниците на СДСМ ја зголемија цената и на такси превозот, односно од 50 денари на 60, односно 70 денари, обвинува Емил Спасовски, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Крива Паланка и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Митовски ги дели културните уметнички друштва на подобни и неподобни со носењето на решението за иселување на едно фолклорно друштво од просториите коишто се во сопственост на општината.
Во првите 100 дена донесе и решение за иселување на фолклорно друштво од простории кои се во сопственост на општината без какво било образложение, истакна Спасовски и додава дека во овие 100 дена во општината се нема реализирано ниту еден инфраструктурен проект.
Спасовски потенцираше дека како советничка група од ВМРО-ДПМНЕ поднеле иницијатива средствата за украсување да се пренаменат за вработените од здравствениот дом, како и иницијатива за решавање на сообраќајниот хаос во централното подрачје на градот, но истите биле одбиени од Митовски и советниците на СДСМ.
Ги нема ветените нови паркинг-места, нема катна гаража, но гласно се зборува за зонско паркирање преку јавно приватно партнерство за кое ние како советничка група остро ќе се спротивставиме и нема да дозволиме дополнителни оптоварувања на граѓаните, кажа тој.
Тој смета дека мандатот на Митовски во првите 100 дена се сведени на гол популизам и аматерски скапо платен пи-ар, укажувајќи дека како советничка група на СДСМ и понатаму ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните и да се спротивстават на лошите локални политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гласањето на затворениците и болните се одвива без проблеми, велат од ДИК
Денес, 2.569 гласачи своето право на глас ќе можат да го остварат во 31 гласачко место во ДКП каде што се пријавиле да гласаат, а чии што пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.
На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе можат да го остварат и 2 гласачи кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни или немоќни, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани кои се пријавиле како болни или немоќни.
Денес, 534 гласачи кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа ќе имаат можност да го остварат своето право на глас во центарот каде што се сместени. Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми. Државната изборна комисија досега издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари. На сите граѓани на располагање им се и интернет страницата на ДИК www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи Фејсбук, X, Инстаграм како и каналот на Јутјуб, каде што ќе можат да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.
Македонија
Инспекторатот ќе контролира дали работодавците ја почитуваат владината одлука за неработен ден
Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавци дека во согласност со заклучокот на техничката Влада деновите на изборите – 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) – се неработни за сите граѓани.
„Работодавците во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние кај кои работните процеси поради својата природа не може да се прекинат“, порачаа од Инспекторатот.
За наведените денови, Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали заклучокот на техничката Влада се почитува од страна на работодавците.
Македонија
ДИК објави упатство за гласање на претседателските избори
Пред утрешното гласање на првиот круг од претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) на својата официјална веб-страница објави повеќејазично упатство за гласање.
УПАТСТВО ЗА ГЛАСАЊЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ
1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во ДКП/КК.
2. Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат.
3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа, односно лична
карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.
5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку
гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му
недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.
6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен
матичен број (ЕМБГ).
7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во
електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот
или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ.
8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список.
9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, му задолжително се става печат на предната страна
на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот.
10. Гласачот добива едно гласачко ливче.
11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван.
12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско
пенкало со мастило во сина боја.
13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија.
14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација.
15. Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот
законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му
помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да
влијае врз одлуката на гласачот.
16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице.
17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.
18. Забрането е носење оружје на гласачкото место.