Македонија
(Видео) Стоилковски: Дали неморалните и развратни забави со Боки Тредичи се животот што го ветувавте, Костадине
ВМРО-ДПМНЕ со нови обвинувања и прашања до портпаролот на СДСМ, Костадинов. Портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски, вели дека Костадинов го бранел криминалот на Заев како да се работело за сопствен интерес.
„Можеби онаа реченица на Крими Заев, „изгубен во времето, ќе талкам по семето“, најдобро ја опишува состојбата во која се наоѓа Костадин Костадинов. Очигледно е дека зад паниката на Костадинов се крие и личен интерес и спречување на јавноста да дознае за неговиот неморален карактер. Костадине, наместо да се мачиш и да седиш цел ден на тастатурата, дојди овде пред камерите, да се соочиме со аргументи, па да им одговориш на граѓаните. Дали си толку гласен затоа што твои фотографии и тонски записи се најдени во телефонот на твоето другарче Боки Тредичи?
Дојди Костадине, тука пред камерите, кажи им на граѓаните дали и во кои два големи града во една наша соседна држава си се забавувал до раните утрински часови со другарчето Боки Тредичи? Чии пари си трошел таму доколку си бил!?
Колку пари, Костадине, наместо за плочки во зградата на Интерните клиники, завршија за луксузните забави со Боки Тредичи? Дали неморалните и развратни забави се животот што го ветувавте, Костадине Костадинов!?
Дојди Костадине, не се плаши, победи го стравот и кажи им на граѓаните што има во телефонот на Боки Тредичи што ти предизвикува толкав страв?
Доколку Заев се плаши од тоа да не се дознае дали чантата со милиони завршила на „Илинденска“ бр. 2, дали ти се плашиш да не го дознаат граѓаните твојот неморален карактер?
Излези Костадине, не се плаши. Тука пред новинарите ќе им кажеш на граѓаните, не мачи ги и нив, но и себе, да доаѓаат двапати. И, секако, за крај, Костадине, го делиш ли ставот на Зоран Заев за Боки Тредичи?“, праша Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски од Струмица: Управните служби ќе издаваат лични документи и во сабота
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на струмичкиот крај, каде што оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсекот за управни работи Струмица и канцеларијата за управни работи во Ново Село. Министерот Тошковски од страна на раководството на СВР Струмица беше брифиран дека, генерално, безбедносната состојба на подрачјето што го покриваат е стабилна и не се забележува позначајно зголемување на бројот на извршени кривични дела, а во тој поглед имаат солиден процент на реализација. Како проблем на чие решавање треба да се работи што побргу беше истакната слабата кадровска пополнетост, односно недостиг на човечки ресурси за работа.
„Во делот на управните служби би сакал да потенцирам дека во интерес на струмичани повторно ќе почне процес на издавање лични документи и во сабота (од наредната), а работиме на тоа да се издаваат лични документи и во текот на работната недела по 16 часот со цел луѓето, по завршување на работните обврски, да може да си ги подигнат готовите документи“, нагласи министерот Тошковски.
Што се однесува до канцеларијата за управни работи во Ново Село, и покрај опструкциите на Владата со поништувањето на наредбата на колешката, која доброволно прифати да помогне во овој дел, како што потенцира Тошковски, со почетокот на континуираното функционирање на базната станица таа опслужува граѓани од поширокото подрачје на Струмица и бројот на фотографирања на оваа територија се зголеми 32 %.
Македонија
(Видео) Јавното обвинителство се координира со другите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес
Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции што се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатира дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамките на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцира улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.
Македонија
Склучен меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и „Кроација осигурување“ АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР