Македонија
(Видео) Стоилковски: Заев знае за сите постапки на Обвинителството, ги спречува или ги форсира во зависност од потребите на октоподот
Македонија сведочи на директно признавање дека спротивно на сите законитости, Зоран Заев со месеци однапред знае што ќе работи и што би можело да работи јавнообвинителскиот систем во Република Македонија. Ова покажува дека не само што се во спрега, туку Зоран Заев од позиција на премиер директно управува со ЈО, со републичкиот обвинител Јовески и со обвинителката Русковска, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Заев без никакви стеги изјави дека знаел оти се води истрага, Владата знаела бидејќи ОЈО ја известило. По вакво признание, по ваква наметната нормалност, невозможна е борбата со високата корупција. По ваквата изјава, јасна е сликата за октоподот на државната мафија. По ваквата изјава, невозможна е верба во правниот систем на Република Македонија. Зоран Заев ја потврди спрегата на октоподот, Зоран Заев ја потврди спрегата на извршната и јавнообвинителската власт. Високата корупција подразбира корупција во која се вклучени избрани и именувани функционери. Според Заев, Јовески и Русковска го информираат Заев дури и пред да почнат истрагите. Сега се јасни пораките ‘Многу си го обрал, друже’ или, пак, изјавата на Заев дека блокирал одредени истражни дејства за двајца функционери, односно ги спасил од соочување со правото. Признанието на Заев, вчера, всушност, значи дека тој знае за сите постапки на Обвинителството, ги спречува или ги форсира во зависност од потребите на октоподот на државната мафија“, рече Стоилковски.
Тој додаде дека Заев вчера признал оти наводите во кривичната пријава против Ден Дончев и Венко Филипче се вистинити, како и дека Заев вчера признал оти се познавал и имал состаноци со Зоран Милески – Кичеец. Исто така, признал и дека се обидел да го оправда „Рекет 2“, да ги заштити Ден Дончев и Венко Филипче, и тие да останат на своите позиции.
„По признанијата на Заев, излишни се одговорите дали и кого сè штити Заев за „Леонардо“, за „Тополки“, за „Рекет 1“, за „Рекет 2“, за крвави тендери, за сите скандали од високата корупција, за сите рекети, за сите месечни транши до благајник со брада во Струмица? Октоподот на власт со Зоран Заев, наспроти сите партиски декларации, нема намера да расчисти со високата корупција. Зоран Заев вчера застана со Ден Дончев и со Венко Филипче, покажа политичка заштита врз двајцата среде отворен процес по поднесена кривична пријава. Можеби прашање на ден е кога Заев би признал дека истрагата за „Рекет 1“ ја сопрел кај Катица, Кичеец и Боки Тредичи“, порача Стоилковски.
Признанието на Заев, според него, е продолжение на октоподот да се сопре борбата против високата корупција и да се сопрат информациите за високата корупција и вмешаноста на октоподот во нив. Стоилковски смета дека признанието на Заев за „Рекет 2“ се надоврзува на срамната истрага за „Рекет 1“, за забошотувањето на истрагите за „Леонардо“ и за сите други коруптивни скандали на октоподот на власта.
„Ваквата состојба е неподнослива, државата не може да функционира без спроведување на правото, да функционира како картел на октоподот на власт. Потребни се итни избори, избори за обнова на Македонија и, конечно, понесување одговорност за севкупната девастација на Република Македонија“, заклучи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.