Македонија
(Видео) Таксистите до Шилегов: Тргнете ги дивите таксисти, доста ни го јадат лебот
Нелиценцирани возила без таксиметри, преполни такси-станици од нелегални таксисти, непријавени такси-возачи, лебот на таксистите им го земаат пензионирани полицајци, пожарникари и воени лица, ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат таксистите, информираше Сашо Рајчановски, претседател на групацијата за автотакси-превоз. На прес-конференцијата од такси-станицата кај „Ловец“, тој повика надлежните инститруции да излезат на терен и да го решат хаосот што владее во такси-превозот.
„Во моментот низ улиците на Скопје возат 5000 возила, а издадени се 2.400 лиценци. Бројот на вработени е три пати помал од реалната бројка на таксисти кои нелегално работат. Меѓу нив има пензионери кои возат такси, а најголем проблем се пензионираните полицајците, кои не се казнуваат бидејќи колега на колега не пишува казна. На станиците кај Бит-пазар, Клинички центар и Транспортен центар, услугите се наплаќаат трипати повеќе и го уништуваат угледот на такси-превозот. Има закони, има одлука на Град Скопје, има правилник со кој е регулиран такси-превозот, но тоа во пракса не функционира. Затоа ги повикуваме надлежните институции и инспекциим да излезат на терен бидејќи знаеме дека ако се има волја, за 10 дена може да се реши хаосот со такси-превозот“, изјави Рајчановски.
Рајчановски рече дека неодамна таксистите имале средба со градоначалникот Петре Шилегов и тој им ветил решение со воведување комунална полиција. Според него, со ова не се решава, туку одлага проблемот.
„Вети дека ќе се формирала некаква комунална полиција. Но, ние не знаеме кога тоа ќе биде, може ќе поминат три, шест месеци. Ние бараме сега и веднаш да се излезе на терен, затоа што закони има, само треба да се споведат“, рече тој.
Пред две недели претставници на таксистите беа на средба и со премиерот Заев и таму ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат. Но, како што кажа Рајчановски, не се потребни средби и ветувања, потребно е дејствување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост, рече Пендаровски
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.
„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски.
Македонија
Митрески од Струга: Младите не смеат да бидат жртви на политичари без став и без визија
„Во Струга ги реновиравме буквално сите училишта и спортски сали и изградивме три нови сали. Го реконструиравме затворениот пливачки базен, тројно ја покачивме минималната плата. Ги дуплиравме странските инвестиции. Ги зголемивме пензиите за над 50%, ги покачивме платите во сите сектори. Но, тоа не е доволно. Поминавме и поминуваме сериозни економски последици од Ковид кризата, но и од војната во Украина. Затоа ни е потребна ЕУ. За побрзо да ги донесеме европските стандарди дома“, порача Јован Митрески, носител на ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија на вечерашниот собир во Струга.
Тој нагласи дека платите и пензиите ќе растат побрзо, инфраструктурно побрзо ќе се развиваме, туристичка сезона ќе има преку целата година, полесно ќе се развива езерскиот, планинскиот и руралниот туризам, само со поддршка на ЕУ.
Митрески додаде дека е лесно со шпекулаци да будиш најдлабоки чувства кај секој Македонец за мајчиниот македонски јазик, да зборуваш за македонскиот јазик како бугарски дијалект, а притоа да не гласаш за Договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ вклучувајќи ја и Бугарија.
„Лесно е само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се за да не станеш дел од ЕУ. Лесно е, ама не е чесно на граѓаните да им ја крадеш иднината за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт. Не вреди борбата за власт ако се загрози иднината на државата. Државата мора да оди напред. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија кои освен за својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго“, нагласи Митрески и додаде дека изборот е или интеграција или изолација.
Тој ги повика стружани да се обединат и да не дозволат да се вратат оние кои ја доведоа Македонија до бездна и од неа направија заробена држава.
„Да застанеме сите обединето и сложно зад планот за европска Македонија. Да застанаме сите обединето и сложно зад бројот 1.Заедно и сложно да постигнеме уште една победа за европска Македонија“.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска од Струга: СДСМ за 52% ги покачи платите во културата
„Останувањето на европскиот пат, значи дека и сегашните генерации ќе ги почувствуваат придобивките. Континуирано ги зголемуваме минималната и просечната плата, Владата предводена од СДСМ беше посветена на тоа без оглед на ефектот од ковид кризата и економската криза, и ќе продолжиме со уште позасилено темпо со секој чекор на приближување до ЕУ“, порача потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коносителка на листата во изборна единица 5, Бисера Костадиновска Стојчевска на трибината во Струга.
Таа додаде дека ќе се зголемат и можностите за подобра грижа за нашите пензонери, за нашите мајки и татковци, баби и дедовци, тие кои го вложиле својот труд и ја граделе нашата земја.
„Во досегашниот мандат за 30%ја зголемивме просечната пензија, а за 50% минималната. И се обврзуваме до 2028 година просечната пензија да достигне 30 илјади денари. Затоа ни помладите, ни повозрасните не смеат да потпаднат под манипулациите, под илузиите дека има вакви или такви алтернативи на членството во ЕУ“, кажа Костадиновска Стојчевска.
Таа пред стружани укажа дека во овие клучни моменти „пред нас повторно стои важната задача да останеме на европскиот колосек и да не дозволиме да се врати изолацијата, неизвесноста, пропуштените шанси за развој и мирен соживот”.
Потпретседателката на СДСМ потенцираше дека сега е најважно ,,да не се погреши кај главното, да не се изгуби едиствениот пат кој гарантира подобар стандард за секој граѓанин, посредено општество, подобри услови за младите да останат дома и тука да се развиваат и себеси и својата татковината”.
„Дури и на тие што свесно го отежнуваат напредокот кон ЕУ, јасно им е дека само членството во Унијата е начинот на кој нашите луѓе вистински ќе почувствуваат придобивки кон подобро во секој поглед, и економски, и во образованието, и во туризмот и во функционирањето на институциите на системот“, додаде таа.
Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека граѓаните се доволно свесни за ризиците кои ги носат политичари што не покажаа чувство за државата ниту во најкризните моменти во изминатиот период.
„Точно е, има алтернативи, но секоја од нив значи неизвесност, уназадување на демократијата, нула шанси за развој. И затоа, сигурна сум дека граѓаните ќе покажат висока свест на овие избори и ќе знаат да препознаат што е конкретна понуда, кој настапува со јасни и зацртани цели за подобар живот за сите граѓани, а кој сее ветер и магла и сака да ги превесла граѓаните со лажни приказни“, рече потпретседателката на СДСМ и коносителка во изборна единица 5, Костадиновска-Стојчевска.
Таа изрази сигурност дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор на парламентарните избори и дека ќе се гордеат со нашиот претседател Стево Пендаровски, на кого повторно ќе му ја дадат довербата, затоа како што кажа Костадиновска-Стојчевска „Стево е пример за претседател од народот и за народот, човек со свој глас и став, политичар кој мисли на сите граѓани и подеднакво ги почитува без оглед на политичките и други разлики, човек со државничка свест, кој ги дели европските вредности на СДСМ и ќе ѝ пружи значителна поддршка на новата влада на патот кон Европската Унија“.
„Нашиот Стево нема вистинска конкуренција на овие овие избори и затоа нашиот Стево Пендаровски треба да биде претседател“, нагласи потпретседателката на СДСМ Костадиновска-Стојчевска на денешната трибина во Струга.