Македонија
(Видео) Тренчевска го посети советувалиштето за жени жртви на семејно насилство во Струмица
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, го посети советувалиштето за жени жртви на семејно насилство и нивните деца во општина Струмица, кој е прв специјализиран сервис во Југоисточниот регион што нуди психосоцијална и бесплатна правна помош за жртвите на насилство.
Водно денеска почна и локалната кампања за зголемување на свеста за родово засновано и семејно насилство, која се спроведува од здружението на граѓани „Скај плус’’, во рамки на проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи’’, под водство на ХЕРА – Асоцијација за здравствено образование едукација и истражување, и УН ВОМЕН Скопје, со финансиска поддршка од страна на Европската Унија.
Министерката Тренчевска изрази силна поддршка за воспоставувањето на советувалиштето во Општина Струмица, како форма на превенција, психосоцијална поддршка и заштита на жртвите на насилство.
„Со отворањето на советувалиштето во Струмица ги опфаќаме сите плански региони на државата, тие се блиски до граѓаните, односно до жените жртви на семејно насилство и нивните деца. Со тоа ја потврдуваме заложбата на Владата и Министерството за труд и социјална политика, и по ратификацијата на Истанбулската конвенција и донесувањето на Законот за спречување и заштита врз жените и семејното насилство дека ќе отвораме на годишно ниво по пет вакви сервиси, потребни за жртвите на насилство, но ќе отвораме и сервиси кои ќе работат со сторителите на семејно насилство, затоа што семејното насилство е комплексен проблем“, рече Тренчевска.
Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека согласно анализите и статистиките работени од страна на невладиниот сектор кој работи во областа на семејното насилство не само во Струмица туку и регионот, во последните 4 години покажуваат насушна потреба од отворање на Советувалиште за жени и деца, жртви на семејно насилство во Струмица.
„Општина Струмица којашто се повеќе го достигнува својот врв кога станува збор за борбата против родово базирано насилство имаше слух за оваа потреба и го поддржа отворањето на Советувалиштето, како што и го поддржува Шелтер центарот за жени жртви на семејно насилство. Наместо семејства со насилство, посакувам семејства со разбирање, компромиси, почитување, особено во семејства во коишто има деца, тие треба да растат во здрава, стабилна и среќна семејна заедница“, рече Костадинов.
Просторијата во кое е сместено Советувалиштето е обезбедена од страна на Општина Струмица.
Советувалиштето финансиски е поддржано 9 месеци од страна на ХЕРА, а останатите три месеци ќе биде финансиски поддржано од страна на Програмата за еднакви можности на мажите и жените на Општина Струмица.
Од ресорното министерство информираат дека од отворањето на специјализираното советувалиште во декември минатата година, 48 жени кои доживеале насилство бесплатно добиле над 180 услуги за психосоцијална поддршка и правна помош, вклучително жени од рурални средини, жени со попреченост и припаднички на етничките малцинства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ во коалиција со Унијата на Ромите
По потпишувањето на коалицијата за Европскиот фронт со ДПA на Мендух Тачи, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд, ДЕП на Аријан Хоџа и Демократска партија на Турците (ТДП), претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети одржа конференција за медиумите, каде што беше потпишан коалицискиот договор со Фатма Османоска, претседател на партијата Унија на ромите.
Претседателот на Демократската унија за интеграција , Али Ахмети ја истакна важноста на коалицијата помеѓу двете заедници, онаа на Ромите и Албанците и силата што ќе ја има Европскиот фронт во борбата против дискриминацијата и маргинализацијата на секоја заедница.
„Општина Шуто Оризари е единствената општина во Европа на ромската заедница и тоа е навистина за радување и за поддршка во сите сфери на животот. Почитувана претседателка на партијата, на средба со градоначалникот на општината, му реков, почитуван градоначалнче, немавте претставници за време на Охридскиот договор, јас ги претставував сите заедници кои немаа претставници таму, Роми, Турци, Власи, Бошњаци како и Трајковски чија евангелиска вера не ја признаваа. Г-ѓо претседателке, нема потреба да поставувате барања, ја имате нашата поддршка, јас доаѓам од народ кој бил дискриминиран, надгласуван и маргинализиран, затоа сите заедно ќе се бориме против дискриминацијата и маргинализацијата. Ромската заедница рамноправна со сите на истиот фронт. Сакам да му честитам на градоначалникот на Шуто Оризари за работата и соработката, кој оствари извонредна соработка со Албанците и советниците кои работат заедно, бидејќи градоначалникот е тој што доближува. Зборувам со голема одговорност, ќе не испробате и ќе видите какви партнери сме. Не само со зборови, туку и со дела. Ќе бидеме заедно на нашето патување, ќе ја направиме нашата земја членка на ЕУ, во нашата земја мора да владее правото, во нашата земја мора да владее вистинска демократија, а ние, Европскиот фронт, сме тие кои ќе ги градиме овие вредности. Вака како што сме заедно, на 24-ти април, да извојуваме убедлива победа и на 8-ми мај, неспорна победа. ДУИ ќе го направи невозможното, во овој мандат мора да има пратеничка Ромка, и таа ќе биде Фатма. Честитки, здравје и успех! Без дилеми, Европскиот фронт е победник на овие избори“, рече Ахмети.
Претседателката на Партијата на Унијата на Ромите, Фатма Османоска, рече дека денес единствен начин ромската заедница да најде поддршка и потпора е да се приклучи на еден единствен фронт каков што е Европскиот фронт.
„Почитуван премиере, почитуван господине Ахмети, почитувани сопартијци, советници и граѓани. Во кој фронт да се вклучи нашата партија, ако не во Европскиот фронт? Кого да избереме ако не оние со кои имаме иста визија. Ни рекоа, немате политичка сила, немате образован кадар, немате партија. Сега сме тука пред вратата на Европа, за да влеземе во ЕУ како рамноправни. Овој сојуз ќе ни даде можност да бидеме рамноправни. Како претседател, а и како партија гарантираме дека оваа соработка ќе успее“, рече Османовска.
Исто така, за важноста на Фронтот зборуваше и градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој истакна дека со овој фронт Ромите ќе почнат да го живеат сонот кој требаше одамна пред многу години, додавајќи дека фронтот ќе добие повеќе од 20 пратенички мандати.
„Ова што се случува во наше време, жалам што претходните ромски политичари не ја сфатија оваа можност, за да го искористат Рамковниот договор како што денес браќата Албанци ја искористија да бидат рамноправен народ со Македонците, но велам дека никогаш не е доцна. Оваа коалиција ќе донесе голема победа со плус 20 пратеници“, изјави градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Македонија
Родово заснованото насилство на националните телевизии во фокусот на првиот јавен состанок на АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа првиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, активностите на полето на меѓународната соработка.
На состанокот беа презентирани и наодите од Истражувањето за начинот на известување за родово заснованото насилство во информативните програми на националните телевизии во 2023 година, кое за потребите на Агенцијата го изработи Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во него се опфатени првите десет дена од месеците јануари, февруари и март 2023 година.
Истражувањето опфаќа две целини, од кои едната се однесува на прилози кои прикажуваат конкретни случи/настани на родово засновато насилство, додека втората, на прилози кои презентираат одредени состојби поврзани со оваа појава, како податоци од истражувања, статистички податоци, однос на релевантните институции и мерките што тие ги преземаат.
Од анализирани прилози, идентификувани се 22 кои обработуваа конкретни настани што се однесуваат на родово засновано насилство. Анализата покажа дека тие се најчесто во форма на вест или извештај, актерите и изворите на информации се прецизно наведени и најчесто се емитуваат на крајот на иформативните емисии.
Во однос на прилозите кои го обработуваа родово заснованото насилство како појава, идентификувани се 11 прилози, во кои најчестите типови на насилство беа видови на економско насилство, фемицидот, семејното и психолошкото насилство.
Целото Истражување е достапно на веб страницата www.avmu.mk.
Македонија
Ковачевски: Со државната поддршка за македонските комапнии создадовме нови 5.000 работни места
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски денеска учествуваше и дискутираше на панел дискусија „Креираме развој преку поддршка на инвестиции“ во организација на ТИРЗ и Кабинет на ЗПВ Битиќи.
Денешната трибина, ја посочи претседателот Ковачевски, како добра можност да се сублимираат досегашните преземени мерки и резултатите во делот на поддршката на инвестициите и економијата, но истовремено и да се види што е она што треба да се преземе за уште подобри резултати.
Ковачечевски истакна дека за силна економија е потребно ликвидно и силно стопанство, нови фабрики, раст на инвестициите, капитални инвестиции во инфраструктурата, развиено земјоделство, подобар животен стандард преку повисоки плати и пензии, пристап до ЕУ пазарите.
Справување со предизвици, поддршка на домашната економија и компаниите преку правилни таргетирани мерки, финансиска поддршка, раст на платите, беа во фокусот на дискусијата, кои воедно се и дел од столбовите во новата програма на СДСМ, вели Ковачевски.
„Економијата и поддршката на компаниите и инвестициите беа високо на агендата на Владата која јас ја предводев и на претходната Влада, природно доаѓа тоа бидејќи јас сум економист, но уште поприродно доаѓа во време на криза кога мора да работите прво на спасување на ликвидноста на компаниите, второ спас на работните места и трето одржување на животниот стандард на граѓаните со оглед на тоа дека секој е погоден од кризата и компаниите и граѓаните и оние што се најзасегнати а тоа се ранливите категории на граѓани. И затоа во изминатите 7 години ние генерално имавме многу силен акцент ставено на економијата“, истакна Ковачевски.
Додаде дека со 100 милиони евра Владата предводена од СДСМ поддржа 919 компании, за разлика од 2017 година, кога имало нула поддршка за домашните компании. Во последниот деветти пакет во вредност 662 милиони евра, 492 милиони евра се предвидоа за поддршка на приватниот сектор, преку мерки за одржување на ликвидноста на компаниите, конкурентноста, поддршка за инвестиции во обновливи извори, зачувување на работните места, поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од вкупно 2,6 милијарди евра преку антикризни мерки се вратија назад кај граѓаните и стопанството.
Ковачевски, особено се осврна на домашните компании кои се двигател на економијата.
„До 2017 година македонскиот работник беше евтина работна сила и компаниите имаа нула поддршка. Јасна е разликата кога ќе ви кажам дека изминатите 6 години, 919 домашни компании добија поддршка во вредност од 100 милиони евра со кои тие реализираа 500 милиони евра инвестиции“, рече тој додавајќи дека секоја стратешка одука што ја имал како премиер има стратешка цел, а тоа е развој на економијата, развој на приватниот сектор, нови вработувања и подобро платени работни места.