Македонија
(Видео) Филипче: Ни претстои најтешкиот период, чувајте го сопственото здравје
Министерот за здравство Венко Филипче денеска до јавноста упати порака дека состојбата со Ковид-19 е критична, а болниците веќе ги полнат сите капацитети.
„Пред нас е веројатно најтешкиот период на справување со пандемијата. Барам сите да бидеме максимално одговорни и свесни за сериозноста на состојбата. Вирусот е широко проширен. Секое најмало невнимание или непочитување на мерките за заштита може да значи инфекција. Сега ни е потребна поддршка повеќе од било кога во изминатите осум месеци. Тоа што го бараме како здравствени работници е навистина малку – само да го штитите сопственото здравје“, рече министерот.
Тој потенцираше дека годинава сите ние жртвуваме нешто во нашите животи.
„За некои од нас жртвата значеше помалку финансии, загубена работа, неможност да се видиме со нашите блиски. За други тоа значеше месеци и месеци непрекината работа без одмор. За трети пак таа жртва значеше загубено здравје или загубен живот. Колку доследно ќе ги почитуваме мерките за заштита ќе биде одлучувачки за тоа колку дополнително ќе се жртвуваме до крајот на пандемијата. Секој за себе ќе реши дали неговата жртва ќе е носењето маска, негрупирањето, држењето дистанца, или пак жртвата ќе значи продолжување на здравствената и економска несигурност. Изборот е тој, а моќта за промена на работите е кај секој од нас. Почитувајте ги мерките доследно. Носењето маска и држењето дистанца се многу мала жртва во споредба со се друго“, посочи Филипче.
Министерот претходно денеска преку порака на социјалните мрежи апелираше до граѓаните претстојните слави и празници годинава да ги прослават само со најблиските и да нема групирања по домовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информираше за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, гласањето се одвива мирно без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, радовишко има едно лице кое го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територија на општина Чаир се забележани летоци кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графити. На едно гласачко место во Скопје покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена испукана димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и улесниците на изборите, во текот на гласањетоо, до завршувањето, да се воздржат од било какви инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.