Македонија
(Видео) Шахпаска: Згрижувачко, еднородителско семејство e исклучителен пример за хуманост
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска во општина Радовиш го посети згрижувачкото, еднородителско семејство на Наталија Гура. Наталија згрижува две малолетни дечиња, братче и сестричка, кои се на пет и шестгодишна возраст.
За тоа колку е успешна приказната за згрижување деца без родители или без родителска грижа, министерката Шахпаска рече дека се уверила на лице место, бидејќи децата ја добиваат целокупната грижа за нивното здравје, љубов, внимание, воспитување, подготовка за влез во образовниот систем.
„Згрижувачкото, еднородителско семејство кое денес го посетив во општина Радовиш навистина има импресивни услови за грижа на децата. Љубовта која ја добиваат децата се чита од нивните весели и насмеани лица. Тие се неверојатно прилагодени кон нивната згрижувачка, а условите кои таа им ги обезбедува говорат за нејзината посветеност децата да имаат правилен раст и развој. Ги поттикнуваме и останатите граѓани во нашата земја да се пријават во системот на згрижувачи, со една единствена цел, на што поголем број деца без родители или родителска грижа да им се обезбеди дом и семејство во облик најблизок до биолошките семејства“, рече министерката Шахпаска.
Со цел зголемување на бројот на згрижувачи во Скопје и во Битола отворени се центри за поддршка на згрижувачки семејства. Во Скопје, центарот функционира при Јавната установа за деца „11 Октомври“ и опфаќа 181 згрижувачко семејство со околу 326 корисници. Вториот центар, во Битола, е дел од Јавната установа „Дом за доенчиња и мали деца“ каде што стручна поддршка добиваат 113 згрижувачки семејства кои се грижат за 169 корисници.
Центрите за поддршка на згрижувачките семејства се воспоставени со новиот Закон за социјална заштита и нивна задача е подготовка, проценка и обука на идни згрижувачки семејства.
Во Република Северна Македонија во моментов има околу 300 згрижувачки семејства кои се грижат за 500 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Најдена испукана димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.