Македонија
(Видео) Шекеринска-Џачка: Успехот на Северна Македонија за членство во НАТО е успех за целиот регион
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Министерството за одбрана се сретна со својата албанска колешка, Олта Џачка, која првпат е во официјална посета на земјава.
Како што информираат од Министерството за одбрана, Шекеринска потенцирала дека земјите од регионот покажале оти знаат да соработуваат, знаат да се почитуваат и дека знаат во најважните моменти да си дадат целосна поддршка.
„Република Албанија тоа го направи со континуираната поддршка за нашето членство во НАТО, но и со извонредно брзата реакција кога на 14 овој месец, како трета земја, веднаш по Грција и Словенија, го ратификува пристапниот протокол за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Така постапуваат само добрите пријатели и добри сојузници и бидете сигурни дека тоа го цениме и дека тоа го паметиме“, рекла министерката.
Џачка во својата изјава рече дека потпишувањето на протоколот за членство во НАТО е еден многу важен момент, а со тоа целиот регион ќе биде побезбеден, постабилен и на иднината ќе може да гледа со повеќе оптимизам.
„Албанија стабилноста и безбедноста на Република Северна Македонија ја гледа како еден главен услов за безбедност на целиот регион, а нашата поддршка во овој голем процес беше една од главните стратешки цели. Тоа е причината поради која Албанија го ратификува протоколот за членство во НАТО и тоа е причината поради која ние Албанците, но и сите што сакаат стабилност и развој на регионот, добрите можности на соседите ги гледаме на тој начин“, истакна албанската министерка за одбрана.
Од надлежното Министерство информираат дека за време на средбата двете делегации разговарале за подобрување на меѓусебната соработка во областа на одбраната, заедничкиот придонес во мировната мисија „Одлучна поддршка“, учество во иницијативата САД – јадранска соработка и учеството на припадниците на нашата Армија на мултинационалната вежба, која годинава ќе се одржи во Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.