Македонија
(Видео) Шилегов: Во средното медицинско училиште ќе се реализира наставна програма за фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија
Во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ денеска беше промовирана паралелката фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија.
На промоцијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука, Мила Царовска, директорката на средното медицинско училиште, Маја Салиу, директорката за производство од фармација и членка на управниот одбор на „Алкалоид“, Милкица Глигорова, и раководителот на човечки ресурси во „Алкалоид“ и координатор на проектот, Никола Ефтимов.
„Од денеска првпат во државата во средното медицинско училиште ќе се реализира наставна програма за ново занимање – фармацевтски техничар во фармацевтската индустрија. На иницијатива на средното медицинско училиште ‘Д-р Панче Караѓозов’ и на ‘Алкалоид’ АД беше изготвена наставна програма, која е верификувана и одобрена од МОН, адаптирана на потребите на секторот на фармацевтската индустрија. Оваа наставна програма е специјално креирана за ученици од 3. и 4. година од секторот здравство и здравствена заштита во средното стручно образование. Од оваа учебна година, по големиот интерес на пријавени, 23 ученици беа селектирани за да почнат со следење на наставата во новоформираната парцијално-дуална паралелка“, рече Шилегов на промоцијата на паралелката.
Наставата ќе се одвива во просториите на училиштето и во компанијата „Алкалоид“ АД од страна на стручни наставници и сертифицирани ментори. Учениците во практичниот дел од наставата ќе бидат директно вклучени во работниот процес на компанијата, со што ќе се стекнат со потребните знаења и вештини што ги прави конкурентни на пазарот на трудот со можност за вработување веднаш по завршувањето на средното образование. Компанијата ќе обезбеди заштитна опрема, систематски прегледи, топол оброк и месечни стипендии од 3.000 денари за секој од овие ученици во текот на нивното школување.
„Целта на оваа програма е целисходно остручување на младите кадри за потребите на компаниите и зголемување на вредноста на стручното образование. Како градоначалник сакам да упатам благодарност до ‘Алкалоид’ АД, како и до сите оние компании од разни струки, кои во соработка со средните стручни училишта ја нудат можноста за реализација на практичната настава од областа на тие струки. Ова прашање нѐ засега сите и како институции, но и како луѓе, пред сѐ, заради тоа што носиме одговорност пред нашите деца, пред младите луѓе, да им понудиме квалитетно образование, кое ќе ја постигне примарната цел за креирање квалификуван и стручен кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на трудот, пред сѐ, во државата, но и пошироко“, истакна Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема да има работни саботи за учениците, МОН донесе нова одлука
Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.
Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, велат од МОН.
Од Министерството потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
„Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, додаваат од МОН.
Македонија
Со супервештачење ќе се бара вина кај лекарите за родилката од Дебар, која, по породувањето, се врати дома без јајчник, матка и бубрег
Судот нареди да се направи супервештачење за родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, на која по породување во струшката болница ѝ беа извадени јајчник, бубрег и матка. Наредбата за супервештачење доаѓа откога судот доби целосно спротивни вештачења од Обвинителството и од одбраната. Вештачењето од Институтот за судска медицина, приложено од Обвинителството, посочи одговорност кај лекарите од струшката болница, а вештачењето нарачано од одбраната, кое го направи вештакот Драге Дабески, заклучи дека лекарите ѝ го спасиле животот на родилката.
„Со супервештачењето верувам дека, конечно,. вистината ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена. Вештакот на одбраната не најде лекарска грешка, ме убедува дека со вадење три органи по породувањето со царски рез, ми го спасиле животот иако вештачењето од Судска медицина покажа дека лекарите имаат вина. Јас здравјето не можам да си го вратам, органите ми се извадени и функционирам како половина човек, но очекувам супервештачењето на лекарите да им покаже дека има лекарска грешка и на пациентите да им порачам дека не треба да молчат, треба да се охрабрат и да се борат за вистината“, вели Вепоска за „Макфакс“.
Се пожали дека секое судење дополнително ја исцрпува, а извадените органи ја ограничуваат во мајчинството, во работата и во секојдневниот живот.
„Здравјето целосно ми е нарушено. Освен физички, имам и психички проблеми, се лекувам и од тоа. Особено тешко ги поднесувам судењата, ми треба време да закрепнам од нив. Работам со скратено работно време оти немам сила за осумчасовна работа. Како мајка не можам да им се посветам на децата онака како што треба оти постојано имам здравствени проблеми, еве сега тукушто ја испив терапијата“, рече Веапоска по денешното судење.
Судијата Јодран Јованов, кој го побара супервештачењето, е трет судија што го добива нејзиниот случај откога претхдните двајца се пензионираа. Следното рочиште е закажано за 3 јуни кога Вепоска очекува да биде готово и супервештачењето.
За извадените органи по породувањето со царски рез на Веапоска, обвинети за несовесно лекување се гинекологот Мухамед Асани, кој во 2020, кога беше направено породувањето, беше директор на болницата, син му Блертон Асани и докторката Лилјана Јовановска.
Македонија
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
Во врска со претстојните избори, денеска, во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок, на кој присуствуваа дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами.
На состанокот министерот Тошковски најпрвин се заблагодари за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите фактори одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцира дека досега не се констатирани посериозни активности, кои се насочени кон нарушување. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации што се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев, беше потенцирана тенденцијата од година на година да имаме сè помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со оперативната акција претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител, претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење вентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на Обвинителството, каде што определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности што се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.