Македонија
(Видео) Ѓорѓиев: Во јунска сесија студентите немаат струја во студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“
„Томе Стефановски – Сениќ“ веќе неколку дена „блеска” во мрак. Во студентскиот дом во 21 век со денови нема струја. Студентите се оставени на милост и немилост, да се снаоѓаат сами како умеат, обвини Филип Ѓорѓиев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во тек на јунска испитна сесија студентите се соочуваат со потешкотии поради немање електрична енергија. Додека студентите се соочуваат со проблеми, директорот на ДСД „Томе Стефановски – Сениќ“ го нема никаде, а зошто и би се појавувал кога ќе излезе Зоран Заев и ќе каже дека „блеска” студентскиот стандард.
Откако СДСМ дојде на власт младите се соочуваат со разни проблеми на кои нема решенија, но и ветените проекти кои требаа до сега да се реализираат ги нема. Студентите откако СДСМ дојде на власт се соочуваат со секојдневни проблеми во студентските домови. Се соочуваат со влага во собите, лифтови кои не работат, храна која е катастрофална, распаднати плафони, мизерни услови во бањите каде што и најчесто нема ни топла вода. Секојдневно по зградите и во собите на студентите се појавуваат глувци, а во дворовите змии.
Заев и СДСМ пред да дојдат на власт ветуваа многу за студентите, ветуваа студентски град, а не добија ништо. Освен што секојдневно се соочуваат со мизерни услови како да преживеат од ден на ден за да ги положат испитите.
Ова мора да престане, одговорност мора да има. Одговорност треба да дадат директорите, министерството за образование и Зоран Заев.
Излезот од хаосот што владее по студентските домови и низ цела Македонија може да биде самиот Заев. Тој е причината на проблемот и мора да си замине. Колку побргу, толку подобро“ додаде Ѓорѓиев.
Ви благодара
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните