Македонија
Владата бара одговорност за настанот во Струга и прославата за Денот на полицијата
Владата најостро го осудува организирањето на настанот во Струга поттикнат за одбележување на верски празник, како и организирањето на прославата за Денот на полицијата во Скопје. Од таму велат дека организирањето на овие настани во услови на пандемија значи свесно кршење на забраните за јавни собири, и е резултат на крајно неодговорни одлуки кои се закануваат да ги доведат во ризик и прашање сите ефекти и резултати што беа постигнати во спречувањето на ширењето на коронавирусот.
„Струга и поширокото подрачје во тој регион беа зони на нагласено присуство на закани од пошироки размери од коронавирусот и беа вложени натчовечки и исклучителни напори и мерки на здравствените работници, на полицијата, на Армијата и на сите останати вклучени во спречувањето на ширењето на вирусот и тоа даде резултати. Сега, после вчерашниот настан, имаме ситуација која може да предизвика сериозни последици заради неодговорното однесување кое повторно го подигна степенот на ризик по јавното здравје и здравјето на граѓаните во општината и во тој регион“, се наведува во соопштението.
Владата ги повикува Министерството за внатрешни работи и обвинителството итно да лоцираат конкретна одговорност во рамки на сите институции и чинители кои имале каков било удел во организирањето или неспречувањето на овие настани. Владата го повикува и министерот Чулев да престане со, како што велат, чекорите со кои го загрозува јавното здравје и да преземе одговорност.
„Владата имаше коректна комуникација и соработка со верските заедници во текот на справувањето со коронавирусот, при што беше постигната согласност дека здравјето на граѓаните во овој период е врвен приоритет и дека сите настани од верските календари треба да бидат прилагодени на вонредната состојба, односно дека не треба да се одржуваат заради преголемиот ризик. Очекуваме и бараме, и од МПЦ и од ИВЗ, да не преземаат никакви следни чекори по однос на организација на какви било собири од верски карактер, се додека забраните и мерките за заштита на здравјето се на сила“, велат од Владата.
Воедно, се наведува во соопштението, укажуваме на сите надлежни и одговорни лица во земјата кои од било каква причина би се осмелиле да организираат слични настани, дека ваквите дејствија можат да значат ширење на епидемијата за што се одговара согласно Уставот и законите.
„Владата на Република Северна Македонија на својата денешна итна седница ќе ги разгледа можните последици од настанот во Струга и согласно препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат соодветни мерки за превенција од ризикот по здравјето на граѓаните на општина Струга и на регионот и за можното прелевање на ризиците и во други делови на земјата. Во меѓувреме, ги повикуваме сите граѓани, институции и организации да се придржуваат до мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и со воздружување и одговорно однесување да ги подржиме натчовечките напори на здравствените работници да ја стабилизираат состојбата и да го означат почетокот на новата нормална состојба во земјата“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.