Македонија
Владата ги повикува еколошките организации на разговори в понеделник
Владата соопшти дека целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации предизвикана од загадувањето на воздухот и ја споделува загриженоста.
„На крајот на минатата година го донесовме планот за чист воздух и борбата против аерозагадувањето влезе во стратешките приоритети на Владата. Освен што ја изразува јасната политичка волја да се справи со овој проблем, кој е таложен со децении и за кој ништо не беше преземано во минатото, планот предвидува сеопфатен и координиран пристап за спроведувањето на мерките, во партнерски однос на владините институции, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации.
Првпат се издвојуваат посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето, кои во годината што изминува, вклучително со разните активности на сите одделни министерства поврзани со заштита на животната средина, достигна 20 милиони евра. Во рамките на тој буџет во тек е спроведувањето на најголемата поединечна инвестиција во историјата на земјата за грижа на животната средина со издвојување 10 милиони евра за инвертер-клими, кои ќе ги заменат печките на дрва и нафта во 10.000 домаќинства во Скопје, Битола, Тетово и во Кичево“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека е воспоставен протокол за спроведување на краткорочните мерки при надминување на прагот на алармирање, со ревидирани прагови на алармирање за почнување на мерките од 5, односно 10 дена, на драстично намалени 2 дена со зголемени вредноста на прагот на аерозагадувањето.
„За стимулирање за користење на топловодната мрежа и поврзување на нови објекти, го намаливме данокот на додадената вредност од 18 на 5 отсто за испорака на топлинска енергија, а Регулаторната комисија донесе одлука дека корисниците што беа исклучени од парното да не плаќаат за повторно приклучување.
Во рамките за Програмата за намалување на аерозагадувањето 2019 (планот за чист воздух), во 45 градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти се реализираат постапки за замена на загадувачките системи за затоплување. Во 28 објекти се инсталирани системи за енергетска ефикасност во најзагадените градови. Во 11 објекти е спроведена програмата „Зелен лист – воздух чист“ за уредување урбани зелени површини во градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти во општините. За 38 јавни институции се набавени прочистувачи на воздухот во внатрешни простории. На 108 објекти во општините се инсталирани фотоволтаични системи.
Оваа година и на почетокот на идната ќе заврши примарната гасоводна структура и ќе почне реализацијата на секундарната за гас до домаќинствата и компаниите.
Со измените на Законот за возилата се предвидени субвенции за електрични и хибридни возила, за вградување гас за одреден тип возила, субвенции за замена на стари возила и е зголемена контролата на издувни гасови од возилата при нивна регистрација во техничките станици.
Град Скопје доделува субвенции на домаќинствата и други субјекти за чистење оџаци и за промена на речиси сите стари фасади на административните објекти со нови и енергетски ефикасни фасади; обезбедена е набавка и поставување 562 прочистувача на воздухот во училиштата и субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети. Обезбедени се бесплатни паркинг-места за електрични автомобили и изградени се 14,6 километри велосипедски патеки. Се исчистија 300.000 тони отпад од диви депонии и се обновија 50 отсто од зеленилото во градот или 116.000 м2 зелена површина. Се спроведоа инспекции на сите инсталации што поседуваат Б-дозволи за работа пред почетокот на грејната сезона.
Владата внимателно ќе ги слушне и ќе ги прифати сите аргументирани сугестии на граѓанските организации вклучени во „Марш за чист воздух“ и во таа насока е отворената покана за средба во Владата в понеделник, 2 декември, за што со претставниците на екоиницијативите директно ќе се стапи во контакт“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од неколку скопски населби без струја
Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00ч до 16,00ч дел од корисниците во с. Волково и с. Кучково ( о. Ѓ. Петров);
· Од 09,00ч до 14,00ч корисниците од ул. Банско, ул. Баница, ул. Наум Охридски и ул. Жванска (о. К. Вода);
· Од 07,00ч до 15,00ч новите згради спроти Мерцедес ул. 852 (о. Г. Баба) и
· Во период од 09,00ч до 15,00ч дел од ул. Милан Мијалковиќ, ул.Пржино, ул.Кавалска (о. К. Вода).
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено во северозападните делови каде ќе има услови за ретки грмежи. На планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје променливо облачно и посвежо со услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно и посвежо, наместа со повремени врнежи од дожд. Во петок пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови, а во недела на повеќе места. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.