Македонија
Владата една и пол година ги слави празниците на Груевски, Законот за празниците нечепнат
Владата една и пол година ја разгледува можноста за укинување дел од неработните денови и измена на Законот за празниците, а во меѓувреме ги слави празниците воведени по иницијатива на кабинетот на поранешниот премиер, Никола Груевски. Зоран Заев и пред да стане премиер, во изборната кампања, но и кога ја презеде функцијата, ветуваше измени на Законот за празниците алудирајќи дека се воведени вмровски празници кои треба да се укинат, но можноста сè уште се разгледува.
„Владата на РМ сè уште ги разгледува можностите за измените на Законот за празниците и доколку се пристапи кон нив, ќе бидат вклучени сите засегнати страни, како што се граѓанските организации, претставници на стопанските комори, а ќе има целосно отворена јавна дебата. Евентуалните измени треба да бидат исклучиво во интерес на економскиот развој на Република Македонија“, изјавија од Владата за „Макфакс“.
На почетокот на минатата година, по една од најавите дека ќе се прават измени на Законот за празниците, граѓаните ги преплавија социјалните мрежи со барања 2 јануари и 2 мај повторно да бидат прогласени за неработни денови, а Министерството за труд и социјална политика објасни дека ќе бидат земени предвид сите барања. Место измена на Законот, Владата на 25 декември го прогласи 2 јануари за неработен, но само за државната администрација, со препорака одлуката да ја прифати и приватниот сектор. Без најава и без образложение за одлуката, административците добија уште еден неработен ден во јануари.
И од Министерството за труд и социјална политика велат дека не се работело на измена на овој закон.
„Министерството за труд и социјална политика досега нема направено промени во Законот за празниците. Сакаме да потенцираме дека доколку би се правеле корекции на законската регулатива, тие би биле во претходна консултација со работниците и со работодавците, од која би произлегле најсоодветни заеднички прифатени решенија“, велат од Министерството за труд.
Министерството за труд и социјала ги објави неработните денови за 2019 година. За сите граѓани, и во 2019 година има 11 неработни дена, за граѓаните од православна вероисповед има дополнителни 5 неработни дена, за католиците има дополнителни 3 неработни дена, за муслиманите еден дополнителен неработен ден и по еден неработен ден има за припадниците на албанската, српската, ромската, влашката, еврејската, бошњачката и на турската заедница во Република Македонија. Овие празници беа воведени во 2007 година со последната измена на Законот за празниците иницирана од кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски. Тогаш како неработни денови беа укинати 2 јануари, 2 мај и 29 ноември, а на листата беа додадени три нови државни празници и шест верски празници и празниците на заедниците. Од 2007 година како државни празници неработни се 24 Мај – Св. Кирил и Методиј, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерната борба и 8 Декември – Св. Климент Охридски, а како верски празници се воведени Бадник, Велипеток, Водици, Задушница, Голема Богородица, Рамазан-бајрам, за католиците како неработен е воведен Денот на мртвите, а неработни денови добија и заедниците во РМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски да не го блокира Законот за рестриктивни мерки, велат од СДСМ
Пратеникот Антонио Милошоски од ДПМНЕ да не го блокира Законот за рестриктивни мерки во македонското Собрание, велат од СДСМ,
„Последната одлуката на нашиот стратешки партнер, САД е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе овој закон и да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство. Милошоски кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, веднаш да го стави на дневен ред Законот за рестриктивните мерки, Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен“, додаваат од СДСМ.
Како што велат,нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања.
„Секој чекор поблиску до ЕУ ќе значи позасилена борба против високата корупција и во иднина значително ќе влијае на намалувањето на ваквите случаи и ќе придонесе во обезбедувањето правичен правосуден систем“, завршуваат од СДСМ.
Македонија
За кампањата на Пендаровски се користат државни ресурси-дали и анкети и стратегиите за кампањата се платени со народни пари, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Стево Пендаровски го погази зборот по којзнае кој пат. Велеше дека нема да се користат државни ресурси во неговата кампања, за сега да бидеме сведоци дека вицепремиерот Маричиќ со службено возило дојде да се потпише за кандидатурата на Пендаровски, па дури и самиот Пендаровски се појави на промоција на проект кој нема никаква врска со неговите досегашни надлежности и искористи службено возило за да оди на отворање на штаб на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали ова не е злоупотреба на државата за партиски цели? Дали народните пари се трошат за партиските и изборните цели? Дали и колку државни ресурси се потрошени за ангажирање на анкети и стратези за кампањата на Пендаровски? Еднаш кога веќе не си отстои на зборот, зошто јавноста би верувала на чесен збор дека не се трошени државни ресурси во претсрет на кампањата на Пендаровски и во други случаи?! Надлежните институции треба внимателно да ги следат активностите на Пендаровски, СДС и ДУИ во пресрет и за време на кампањата. Дали Пендаровски заборави за тоа што го зборуваше кога објаснуваше дека не треба да се мешаат државата и партијата?“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, можеби Пендаровски заборавил што зборувал, ама јавноста гледа што прави и како си ги погазува своите зборови.
„Пендаровски го девалвираше достоинството на народот и на Македонија. Затоа време е за промени“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје
Без струја неколку скопски општини
Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00 до 12,00 часот дел од корисниците од с. Крушопек ( влезот на селото) о. Сарај;
· Од 10,00 до 15,00 часот дел од ул.4 во Сарај о. Сарај;
· Од 08,30 до 15,30 часот дел од ул. Македонско-Косовска Бригада, дел од ул. Никола Малешевски и дел од ул. Џон Кенеди бр.27 о. Чаир;
· Во период од 09,00 до 15,00 часот дел од ул.2 и дел од ул.10 с. Долно Лисиче о. Аеродром.