Македонија
Владата засега се откажува од продажбата на „мерцедесот“, може да биде доказ против Груевски
Владата одлучи да го стави во мирување процесот на продавање на „мерцедесот“ до завршувањето на судскиот спор во кој може да се појави потреба да биде доказен материјал.
„Оваа одлука се носи со цел да се оневозможи избегнување одговорност на обвинетите во судскиот процес, каде што возилото е предмет на интерес“, соопшти Владата.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата, Пеце Мирчески, на прес-конференција на 28 февруари, пак, објави дека „мерцедесот“ ќе оди на продажба.
– Станува збор за „мерцедес-бенц“, тип „С 600“, со година на производство 2012 и со поминати 80 илјади километри. Сите заинтересирани што ќе сакаат да направат увид во состојбата на „мерцедесот“ тоа ќе може да го направат на 7 март. Почетната цена е 14 милиони, 372 илјади и 208 денари. Банкарската гаранција од 2 отсто од проценетата вредност на возилото е 287 илјади и 444 денари – рече тогаш Мирчески.
За „мерцедесот“ од 600.000 евра се води судска постапка против експремиерот Никола Груевски, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски. Според обвинението на СЈО, тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.