Македонија
Владата за извештајот на „Репортери без граници“: Состојбата со медиумите се подобрува
Позитивниот тренд од 2017 година во извештајот на „Репортери без граници“ е показател дека состојбата со медиумите постојано се подобрува, сите да бидат на висината на сопствената одговорност и да придонесат за подобрување на состојбата на медиумските слободи во земјата, велат од Владата.
„Најважен индикатор во извештајот на $Репортери без граници$ е што за време на оваа Влада од 2017 имаме позитивен тренд, што не беше случај со минатата Влада. И тоа треба да ни биде показател дека состојбата со медиумите од 2017 постојано се подобрува. Иако ова охрабрува, во документот се посочени и случаи на притисоци врз новинари и медиуми, што Владата го зема сериозно предвид и со целиот капацитет ќе се насочи кон тоа вакви појави повеќе да нема“, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Владата потсетува дека реагирала во случаи кога неколкумина претставници на институциите од извршната власт имале непримерна комуникација со новинарите.
„За нивните постапки беа преземени соодветни мерки, а дел од нив беа отповикани од вршењето на функциите“, велат од Владата.
За мал дел од случаите, како што додаваат, била побарана постапка од МВР, како во случајот со заканувачот кон две новинарки што институциите експресно го расчистија. Апелираат, секој случај да биде пријавен во полиција и ова е најсигурниот и најбрзиот начин да се сузбие оваа појава.
„Владата ќе продолжи и понатаму најенергично да реагира на појавите на закани кон медиумските работници, но треба да се има предвид и дека свој придонес за перцепцијата за слободата на медиумите, своја еднаква одговорност носат и сите други чинители како што се политичките партии и останатите фактори во општеството активни во сферата на јавните комуникации“, велат од Владата.
Во оваа насока, Владата ги повикува сите да бидат на висината на сопствената одговорност и да учествуваат во натамошното подобрување на состојбата и да го дадат својот придонес во нагорниот тренд на медиумските слободи во нашата земја. Го охрабруваат и обвинителството и судството побрзо да ги процесуираат случаите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ќе ги претстават своите платформи пред граѓаните во повеќе делови од државата. Во исто време продолжува и кампањата за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи в среда, на 24 април, додека вториот круг треба да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван денеска ќе ги посети жителите на Ново Село, Босилово, Василево, а митинзи ќе одржи во Радовиш и во Струмица.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе одржат митинг во скопската населба Карпош, а кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Ресен, Претор, Новаци и во Битола.
Во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарни избори, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Брвеница и на Тетово.
Македонија
Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.
„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски.
Македонија
Силјановска-Давкова со 8 прашања, како граѓаните да се решат дали и за кого ќе гласаат на изборите
Во својот говор на синоќешниот митинг во Крива Паланка професорката Горданa Силјановска -Давкова порача дека оваа власт не креира рационални политики, оти да креираше рационални политики, почнувајќи од образованието, здравството, социјалната заштита, меѓународната политика, граѓаните немаше да се чувствуваат понижени.
– Се наоѓате пред многу важен момент, да донесете клучна одлука. Како да го направите изборот? Прашајте се, прво, дали подобро живеете? Дали ви е подобра економијата? Дали ви е подобро здравството? Дали ви е подобра социјалната заштита? Дали се чувствувате посигурни? Дали вие сте горди на оваа власт? Дали мислите дека власта е горда на вас? Дали мислите дека се горди на Македонија ако се плашат да го изговорат тоа име? Дали мислите дека се горди на сите кои гинеле за Македонија ако постапуваат, не според државните и националните интереси, туку според личните и олигархиските интереси?, рече Силјановска-Давкова и додаде „дека часовникот го отчукува заминувањето на оваа делигитимирана власт и дека набрзо ќе го отчука времето на промените врзани со новата власт, како на претседателско ниво, така и на парламентарно.