Македонија
Владата: Со силно темпо го фаќаме ритамот за имплементација на Конвенцијата на ОН за лицата со попреченост
„Владата, во координација со Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост, предничи и ги промовира и штити правата на лицата со попреченост во областите, како што се: еднаквост и недискриминација, слобода на движење, самостојно живеење, образование, пристап до стоки и услуги, вработување, правен капацитет, пристап до правда, здравство, политичко учество, вклучително и правото да гласаат и да бидат гласани на избори“, истакна денеска во своето обраќање претседателот на Владата, Зоран Заев, на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември и на завршната конференција на ЕУ-проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“.
„За разлика од претходните речиси минимални активности за спроведување на одредбите од Конвенцијата, со почетокот на работата на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост во 2018 година, се воспостави рамка, која вклучи независни механизми за промовирање, заштита и следење на спроведувањето на Конвенцијата во согласност со препораките на ОН. Дополнително, акцискиот план на Национално координативно тело за правата на лицата со попреченост обезбеди јасен пакет на приоритети и насоки за спроведување на Конвенцијата“, истакна премиерот Заев, кој апелира сите постојни и нови закони, политики и програми усвоени од Владата, да бидат во согласност со Конвенцијата и додаде дека останува и понатаму определбата за инклузивност и конструктивен дијалог со репрезентативните организации на лицата со попреченост за целосно остварување на слоганот „Ништо за нас – без нас“.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека со социјалната реформа се унапредуваат правата и се развиваат услуги за лица со попреченост, а МТСП ги зголеми финансиските трансфери кон лицата со попреченост.
„Воведовме право за надоместок за лица со интелектуална попреченост. Го зголемивме надоместокот за скратено работно време до 50 отсто од просечната плата. Речиси сите деца, само уште 2, се извадени од институциите и се згрижени во групни домови. Со закон ги гарантиравме персоналната асистенција и услугата одмена во домот. Овие услуги ќе ги развиваат општините. Навистина сум среќна што од вкупно 65 општини што аплицирале кај нас за грантови, дури 56 се пријавиле за развој на услуги во домот за лица со попреченост и ги поттикнувам исто така организациите да се вклучат во овој процес“, рече Царовска.
Министерот Венко Филипче ги презентира многуте мерки и активности што ги спроведува Министерството за здравство за да им се овозможи на лицата со попреченост целосно вклучување во општеството како меѓународно признаено универзално право.
„Активно се вклучивме во интерсекторскиот проект за подготовка на новиот модел на функционалната процена за дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете или младинец, базиран на Меѓународната класификација на функционалности како значајна реформа базирана на светските текови за давање потполна поддршка на најмладата популација во општеството подготвена од Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Дадовме целосна поддршка на процесот и преку реформирање и отворање нови здравствени центри за рана интервенција, во кои од најраната возраст ќе се следи развојот на децата кај кои постојат и најмали индикации за постоење болести поврзани со нивна попреченост. Отворивме пилот-центар за функционална спреченост и поддршка на деца и млади во Скопје, како и сензорна соба, која третира вакви деца и го заокруживме процесот на опфаќање деца во рамките на одделението за логопедија, како и деца од одделението за рехабилитација на слухот, кои имаат потреба од дополнителен третман“, рече министерот Филипче и истакна дека Министерството за здравство ќе продолжи со активностите за подигање на свеста на здравствените работници и за зајакнување на капацитетите на јавноздравствените установи како одговор на потребите на лицата со попреченост.
Арбер Адеми, министерот за образование и наука, зборуваше за приоритетите на Министерството, меѓу кои се издвојува јакнењето на стручните служби во училиштата што работат со учениците со попреченост, како од аспект на обезбедување доволен број наставници, специјални едукатори и рехабилитатори, педагози и психолози, така и од аспект на подигнување на нивната стручност преку континуирани обуки и тренинзи, но и зголемување на мотивацијата за работа преку подобрување на материјалниот статус и условите во кои ги извршуваат работните обврски.
„За оваа учебна година ангажиравме вкупно 295 образовни и лични асистенти, кои заедно со сите други членови на инклузивниот тим, од кој дел се и самите родители, ќе им помагаат на учениците за полесно совладување на материјата и подигнување на свеста на другите ученици за потребите на учениците со попреченост“, информира министерот Адеми.
Координаторот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост, Спасе Додевски, нагласи дека ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е обврска за сите влади за неодложно имплементирање на нејзините препораки.
„Гордо и со исклучително задоволство тврдам дека со силно темпо и со огромни чекори го фаќаме ритамот на европските напредни практики и ја менуваме свеста преку мотивот едно општество и исти права за сите. Воедно, ве убедувам дека по квалитетот и одржливоста на основниот систем за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во здравството, образованието и социјалната заштита што го воспоставивме сме најдобри во регионот. Ова се должи на блиската меѓуресорска соработка со која се гордеам и на посветеноста на сите вклучени за поддршка на процесот“, потенцира Додевски.
Шефот на делегацијата на ЕУ во нашата земја, амбасадорот Самуел Жбогар, истакна дека имплементацијата на Конвенцијата на ОН и политиките на Европската Унија за поддршка на лицата со попреченост за единство во различностите се совпаѓаат со принципите на стратегијата за едно општество за сите на Владата. Tој нагласи дека тоа беше и главната мотивација за поддршка на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, имплементиран во партнерство помеѓу Националниот совет на инвалидските организации, Македонскиот институт за медиуми и Институтот за различности во медиумите од Лондон, во чии рамки денеска беше презентиран и прирачникот за граѓанските организации што работат на унапредување на состојбата на лицата со попреченост „Попреченост: На виделина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Шкријељ: Понудата на ДПМНЕ е понуда за блокада на ЕУ, над 80 проценти од листите се истите пратеници
Составот на кандидатските листи за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема никаква промена во оваа партија. Ова е понуда за блокада на европскиот пат на државата, тоа е кристално јасно, истакна на денешната прес-конференција Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
„Над 80% од предложените кандидати за пратеници се истите кои досега спроведуваа активна блокада на македонското Собрание.
Освен блокада на европскиот пат на државата повеќе од 2 години Собранието е под опструкции, блокади, кочење, од страна на ВМРО-ДПМНЕ
Наместо за интересот на граѓаните и државата се спроведуваа теснопартиски инетерси а често слушнавме и навреди и омаловажувања кон жените-пратенички.
Во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите.
Беа против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во ЕУ.
Тропаа и вревеа со вувузели во парламентот“, вели таа.
Оценува дека граѓаните беа сведоци на одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од опозицијата.
Со истите лица на листите, Белата палата, според Шкријељ потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
В„о ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро, напротив.
Затоа, кристално јасно е.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад со ДПМНЕ далеку од ЕУ“, прецизира пратеничката на СДСМ.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.