Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Бројката од над 6.000 заболени за три недели е последица на лошиот пристап на Комисијата од почетокот на пандемијата
ВМРО-ДПМНЕ ги обвини Комисијата за заразни болести и власта за лошото справување со коронавирусот, поради што, како што велат, бројот на заболени лица за три недели достигнал над 6.000.
„Стратегијата на Комисијата за заштита од заразни болести и власта резултира со дебакл. Власта, која менаџира со здравството, имаше цело лето да се подготви за есенскиот бран на Ковид-19, но со месеци ништо не е направено. СДСМ не инвестираше во нови болнички капацитети, медицинскиот персонал не доби дополнителна награда за својот труд и посветеност, односот на менаџментот на болниците со вработените е лош.
Власта го фрли целото здравство во хаос. И сега кога немаме ден а бројот на заболени да не е неколку стотини, власта не знае што да прави. СДСМ политизираше сè. Власта ја политизираше и Комисијата за заштита од заразни болести, одлуките се политички, а не стручни.
Комисијата за заразни болести од почеток ја води погрешно работата, без план и стратегија, само да се задоволат апетитите на власта. Тоа предизвика Македонија да нема втор есенски бран, туку континуиран бран со пикови, кои секој ден се сè поголеми.
Одговорност за аматеризмот кој ја донесе државата до хаосот предизвикан од Ковид-19 на здравствено и економско поле мора да има“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.