Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта воведува мерки за мачкање на очи од кои бенефит ќе имаат само богатите
Криминалната антибизнис Влада на Зоран Заев манипулира со повратот на ДДВ. Имаме власт која секојдневно ги ограбува граѓаните со покачени даноци, акцизи и трошоци за живот бесрамно лаже дека ги враќа парите, обвини опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Со мерката за поврат на ДДВ со која власта толку се фали, наместо ветените 30.000 денари, граѓаните максимално можат да добијат 1.872 денари во годината или само 156 денари месечно. Oваа ниска сума ја потврдуваат трошоците во потрошувачката кошничка на едно четиричлено семејство, кое за да го помине месецот потребни му се 33.000 денари. Поголемиот дел на трошоци кои им се неопходни на граѓаните не се со даночна стапка од 18%, туку се со 3, 5 или 6%, па така повратот на овие трошоци е уште помал.
Според потрошувачката кошничка граѓаните трошат 42% од буџетот на исхрана, но од тоа може да земат само 104 денари месечно затоа што данокот е 5%, додека пак 31% од трошоците им одат за комунални трошоци, кои не се даночат па така со 73% потрошен семеен буџет може да се земе поврат од само 104 денари.
Со парите потрошени за хигиена, јавен превоз, лекови, облека и културни активности граѓаните можат да добијат уште приближно 52 денари. Така да стигнат до мизерни 156 денари на месечно ниво кои ништо не им значат за да ги покријат зголемените трошоци за живот кои драстично пораснаа изминативе две години.
Зоран Заев и СДСМ ветуваа дека со повратот на ДДВ граѓаните во годината ќе може да исплатат кредит, да реновираат соба или да си платат годишен одмор. Но со овие средства кои реално би ги добило едно четиричлено семејство нема да може да си го плати ниту превозот, а камо ли да си дозволи да оди на годишен одмор.
Додека власта ја манипулира јавноста со оваа мерка која ќе биде привилегија исклучиво на богатите, поскапеа нафтата, цените на мало, патарините, трошоците за живот и се покачија даноците.
Над 500.000 граѓани едвај врзуваат крај со крај, а власта наместо да воведе реални мерки со кои ќе им ги намали трошоците таа воведува мерки за мачкање на очи од кои бенефит ќе имаат само богатите како семејството на Зоран Заев“ велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.