Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги погази црвените линии што македонските политичари ги бранеа 25 години
Зоран Заев вчера ги погази црвените линии што досега ги бранеа сите политичари на кои граѓаните им ја дадоа довербата да ја водат државата, реагираат денеска преку соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека премиерот не само што признал дека се согласил да го менува уставното име туку и националноста, која досега беше јасно дефинирана, да ѝ додаде „граѓани на Северна Македонија“.
„Властите во Грција слават сосем очекувано бидејќи првпат во дводецениските преговори еден политичар од Македонија се согласил беспоговорно да ги прифати сите нивни услови и да им го обезбеди најдобриот договор досега. Република Македонија, нејзиното минато, сегашност и иднина, вчера беа жртва на навиката на Зоран Заев да го витка грбот само за да оствари личен интерес“, се наведува во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека Заев и, како што велат, криминалниот картел што го води, презентирале договор во кој државата е поразена.
„Преговорите што ги водеше СДСМ се одраз на краен аматеризам. Договореното не е во сообразност со интересите на македонскиот народ. Зоран Заев ги погази сите црвени линии, кои сите политичари, без разлика на својата политичка припадност, ги имале во последните 25 години. Заев ги поткопа македонските позиции. Најпрвин ветуваше дека македонската жица никој немало да му ја допре и дека Уставот немало да се менува. Потоа јавно кажа дека прифаќа промена на Уставот и ерга омнес решение во пакет со името Илинденска Македонија“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат дека граѓаните се излажани и манипулирани.
„Зоран Заев целосно нетранспарентно и без да ја запознае опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија донесе одлука и решение, кое ќе ги тангира не само сегашните туку и идните генерации. ВМРО-ДПМНЕ не е против членство во НАТО и ЕУ, напротив, многу повеќе се залага за тоа од сите други. Но, членувањето во тие организации не смее да биде преку предавство и капитулантски договори. Граѓаните заслужуваат европска иднина, но врз база на вредности и реален мерит-систем за унапредување“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека Република Македонија не смее да продолжи кон амбисот кон кој СДСМ ја турка, дека СДСМ не може да понуди ништо добро за државата и поради тоа, како што велат, оваа власт мора да си замине.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Скопје
Осум скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија АД, Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, информира дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат неколку скопски општини.
· Во периодот од 08:30 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Максим Горки, реон Дом на градежници (општина Центар).
· Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, поголемиот дел од потрошувачите на ул.Ринхини.(општина Ѓорче Петров)
· Во периодот од 09:00 до 10:30 часот, корисниците од с.Визбегово, дел од с.Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.(општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево)
· Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Кавалска.(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на пат за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од Св.Петар и Павле по патот кон Долно Лисиче.(Аеродром)
· Во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. 4031, село Марино.(општина Илинден)
· Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од бул.Борис Трајковски (од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево).(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците од с.Сандево, Бањане, Горњане, Дел од с.Мирковци.(општина Чучер Сандево)
· Во периодот од 13:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Исаија Мажовски и Воин Драшкоци.(општина Ѓорче Петров)
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.