Македонија
ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува скандалот со забраната на новинари да си ја вршат својата професионална задача од страна на кабинетот на Ковачевски
ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува спречувањето на новинарите од новинската агенција „Курир“ и радиото „Лидер“ во вршењето на својата професионална задача. Ваквото тоталитарно однесување од страна на одговорните лица во кабинетот на Ковачевски само ја покажува вистинската слика за односот на Владата и Ковачевски кон новинарската фела, се вели во соопштението од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека токму поради ваквите настани, Македонија со години тоне во рангирањето на сите релевантни меѓународни извештаи во однос на демократијата и владеењето на правото. По денешниот скандал со спречувањето на новинарите во својата работа, се поставува прашањето: Од што бега Димитар Ковачевски и зошто се плаши од прашањата на новинарите? Дали се плаши да одговори на прашањето за што е договорено и што му е ставено на маса по вчерашната средба во Тирана?
Од партијата наведуваат дека ова не е прв инцидент на кабинетот на Ковачевски при неговите јавни настапи. На секоја прес-конференција новинарските работници се спречени и ограничени при поставувања прашања кон премиерот и министрите во оваа антидржавна власт.
Друг сличен инцидент имаше и кога новинар од национална телевизија доби закани од обезбедувањето на премиерот дека ќе биде уапсен за поставено прашање кон Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите надлежни институции, како и новинарски здруженија, да реагираат на ваквиот непрофесионален однос од страна на кабинетот на Димитар Ковачевски.
На ваквото тоталитарно однесување, како и на забеганоста на власта, многу бргу ќе ѝ дојде крајот, на следните предвремени парламентарни избори, кои СДС и ДУИ катастрофално ќе ги изгубат, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.