Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Понижувањата од СДСМ резултираа со одлуките на Комисијата со која се прифаќа бугарскиот наратив за историјата на Македонија
Поразите и понижувањата се секојдневие со власта на СДСМ. СДСМ потпиша договор со Бугарија во 2017 со кој дозволи историјата да влезе како критериум за добрососедство. Потоа СДСМ дозволи да се создаде Комисија за историски прашања која треба да ги ретушира македонските учебници за историски личности и настани по бугарски терк. Како продолжение на сето ова беше прифаќањето на Преговарачката рамка, а потоа и потпишувањето на Протоколот, преку кој СДСМ прифати историските теми да станат предуслов за евроинтеграциите за Македонија, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека резултатот од сите овие понижувања во низа се одлуките на Комисијата која ги задоволува барањата на Бугарија. Со други зборови, се прави прекин на континуитетот на постоење на македонскиот народ на овие простори. Штетноста на измеќарската политика на СДСМ се гледа во одлуките на Комисијата за средниот век, за прифатениот бугарски наратив за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и цар Самуил. Токму на ова предупредуваше ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ дозволи Македонија да се доведе во потчинета положба во која евроинтегративниот пат и се сведува или на вечни преговори или на асимилација.
Историјата не смее да биде услов и предмет на преговори. Сличен став имаа и експертите и историчарите за кои ваквите одлуки на власта на СДСМ се неприфатливи и штетни.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара граѓаните да бидат прашани за вакви суштински теми. Доволно бегаше Ковачевски од соочување со својот народ. Но колку и да бега нема да може да избега од поразот кој му следи, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонската армија и се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на Фејсбук триесетина минути стоеше наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност”, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.
Македонија
Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче
Приведено е уште едно лице за кражбата на сеф од маркет во Црниче.
Од МВР информираа дека вториот приведен е В. Т. (36) од Скопје.
Претходно, Обвинителството објави дека приведен е 26-годишен скопјанец, кој учествувал во кражбата.
Со тоа, двајцата се сомничат дека на 1 април провалиле во затворен маркет на улицата Востаничка во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или сѐ во вкупна вредност од 285.000 денари.
ОД МВР информираа дека судија на претходна постапка на едното лице му определи мерка притвор.