Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Проектот викенд без ДДВ не е истиот тој кој Заев го ветуваше пред избори
„Четвртиот пакет на мерки на мафијата на власт е задоцнет и нема да одговори соодветно на потребите на македонската економија и граѓаните и истиот ќе ја продлабочи тешката состојба во државата.Зоран Заев пред изборите бомбастично најавуваше викенд без ДДВ“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, „тогашните лаги на Заев беа дека во септември месец, секој викенд граѓаните ќе го користат купувајќи, а при тоа ќе биде одземена сумата којашто ќе ја платат како данок на додадена вредност“.
„Септември месец помина, а денеска гледаме како на лажичка повторно на граѓаните им ветува дека тоа всушност нема да бидат четири викенди, туку тоа ќе биде еден викенд и тоа во месец октомври, продолжениот викенд помеѓу 10 и 12-ти октомври и нема тоа да биде без ограничувања како што тоа беше ветувано пред избори, туку тоа ќе биде со ограничување од 30.000 денари.
Нема да биде намалена цената која што ќе платат, туку тие ќе го финансираат данокот на додадена вредност, потоа тие ќе ја скенираат фискалната сметка и доколку сумата не надминува 30.000 денари тогаш ќе чекаат од страна на министерството за финансии да им го врати данокот на додадена вредност“, се вели во соопштението.
„Лажното ветување дадено од Зоран Заев пред избори кое беше помпезно најавено и во третиот сет на таканаречените мерки од страна на Владата за помош за македонските граѓани и македонската економија, а тоа е околу 31 милион евра евтини кредити со субвенционирана каматна стапка од страна на Владата и 30% грант за компании управувани од жени кои вработуваат млади луѓе извозно ориентирани, исто така требаше да се реализира почнувајќи од месец септември, но месец септември помина од оваа мерка ни трага ни глас.
Резултатите од ваквите погрешни политики и лажни ветувања се, историски пад на индустриското производство и извозот, пад на економската активност во вториот квартал, зголемување на јавниот долг за повеќе од една милијарда евра за само еден квартал, раст на невработеноста од 40.000 лица со најава за дополнителни масовни отпуштања, тотален колапс на туризмот и многу затворени бизниси во државата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Велковски: Работничките права не се почитуваат, платите особено во здравството не се системски уредени
Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска оствари средба со претставници на повеќе грански синдикати, членови на Конфедерација на Синдикални Организации на Македонија (КСОМ) на која работна средба се разговараше за проблемите со кои се соочуваат синдикатите и вработените во областа на здравството, одбраната, полицијата, Македонски железници и рударството.
„Работничките права не се почитуваат, платите особено во здравството не се системски уредени а големи се и проблеми поврзани со функционирањето на синдикатите во последните неколку години. Ова се клучните работи кои беа истакнати од страна на претставниците на синдикатите“, вели министерот Велковски.
Министерството за труд и социјална политика ќе преземе активности во насока на системско решавање на настанатите состојби и воспоставување на вистински партнерски дијалог помеѓу МТСП и Синдикатите, нешто за што се заложи и министерот Ѓоко Велковски.
Македонија
Левицата: Бугари во Уставот е предавство, на денешен ден почна бугарската фашистичка окупација на Македонија
,,На 18 април 1941 година, со одборение на Хитлеровата врховна команда, единиците на Петтата бугарска армија, со Шестата и со Седмата пешадиска дивизија, ја започнаа воената окупација на Македонија“, велат од Левица.
„Овој историски факт, под рефлекторите на денешното политичко препрочитување на историјата на Македонија, Бугарија настојува овој настан од историјата наместо окупација еуфемизирано да се третира како администрирање со Македонија. Но, историските факти говорат друго! Затоа во очи на претстојните парламентарни избори, направете го вистинскиот избор и гласајте за Левица, единствената партија која се залага за раскинување на договорот со Бугарија“, посочуваат оттаму и додаваат:
„Гласајте за Левица, затоа што Бугари во Устав е предавство!”, изјавија од Левица.
Македонија
Таравари: 800 евра минимална плата, економијата и емиграцијата бараат одговори
Претседателскиот кандидат на ВЛЕН, Арбен Таравари на денешната прес-конференција рече дека на овие избори има целосно единство на албанската опозиција и тоа гарантира победа, бидејќи на сите избори мнозинството гласови ги имала опозицијата.
„Претседателските избори се одржуваат во среда на 24 април, бројот 6 е број на промената која вреди. Каде и да одиме во кампањата, а сме отишле низ цела држава, гледаме дека најголем проблем е сиромаштијата, поскапувањето, невработеноста или ниските плати. Условите за живот станаа потешки. Ова го предизвикува и другиот многу голем проблем што го имаме. Емиграцијата на младите. Младите заминуваат токму затоа што платите се мали и тешко се наоѓа добра работа“, изјави Таравари.
Според него, економијата и иселувањето бараат одговори.
„Затоа, ние како коалиција ВЛЕН, во владата, мора да гарантираме и ќе гарантираме зголемување на минималната плата до 800 евра. Ја објавивме и дискутиравме за нашата претседателска програма, а на почетокот на следната недела ќе ја објавиме и програмата за парламентарните избори. Таа е единствената програма што вреди. Но, уште еднаш повторувам, за да дојде до промена, секој човек мора да биде посветен. Затоа што секој глас е важен. И го повикуваме секој гласач да излезе на денот на гласањето, за да ја гарантираме победата на промените“, изјави Таравари.