Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ мисли со оставката на директорот на затворот ќе го забошоти случајот со тепањето на Јанакиески и Ристовски
СДСМ ја урниса демократијата во државата. Македонија стана единствената држава во Европа каде што се затвораат, тепаат и малтретираат сите што не се согласуваат со политиките на картелот предводен од аболираниот Зоран Заев, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„На целата македонска јавност ѝ е јасно дека со Македонија владее хунта која не избира начин и средства за да ги спречи политичките неистомисленици.
За каква ли истрага зборуваат од СДСМ кога уште веднаш по тепањето на Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, излегоа со лаги и клевети.
СДСМ мисли дека со оставката на директорот на Истражниот затвор ќе го забошоти случајот со тепањето на поранешните министри Јанакиески и Ристовски и така ќе избегне одговорност дека токму власта дозволила да се случи овој срамен и скандалозен чин.
Одговорност мора да понесат сите, почнувајќи од Зоран Заев и Рената Дескоска. Случајот не смее се забошоти. Јавноста мора да дознае кои се нарачателите и зошто не било спречено тепањето.
Залудни се обидите на СДСМ за манипулација со јавноста. Јавноста гледа како власта испишува деспотска и насилничка историја во Република Македонија по примерот на тоталитарни режими, како Северна Кореја.
Ова насилство граѓаните ниту ќе го заборават ниту ќе го остават да помине без казна. Токму затоа Зоран Заев и СДСМ ќе ја добијат казната од граѓаните уште на претседателските избори, а тоа ќе биде и почеток на нивниот крај, кој ќе заврши со неминовни предвремени избори“, порача опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предизборен молк пред утрешните претседателски избори, денеска гласа дијаспората, болните и затворениците
Започна предизборниот молк пред утрешните претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места.
Денеска ќе гласаат избирачите запишани во посебниот извод од избирачкиот список, односно дијаспората, затворениците, лицата во старските домови, болните и изнемоштени и внатрешно раселените лица.
Гласањето за претседател започна во саботата, први гласаа членовите на избирачките одбори кои отпатуваа да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во посебниот извод од избирачкиот список се запишани 191 избирачи кои треба да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии треба да гласаат наши граѓани кои живеат во странство а кои се пријавиле за гласање.
Право на глас имаат 1.814.317 гласачи запишани во единствениот избирачки список. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.
Скопје
Петровец, Сарај, Карпош, Кисела Вода и Центар денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат делови од општините Петровец, Сарај, Карпош, Кисела Вода и Центар.
· од 8.30 до 14.30 часот корисниците од селата Кожле и Бадар, како и тунелот кај Катланово на автопатот Велес – Скопје (општина Петровец);
· од 9 до 11 часот корисниците од село Кондово (општина Сарај);
· од 9 до 11 часот корисниците од делови од улиците Вич и Разловечко востание (општина Карпош);
· од 9 до 12 часот корисниците од делови од улиците Иван Козаров и Тоне Томшиќ. (општина Кисела Вода);
· од 9 до 15 часот корисниците од дел од улицата Максим Горки, односно објектите во околината на Домот на градежниците (општина Центар);
· од 11 до 13 часот корисниците од дел од улицата Орце Николов, поточно објектите во околината на куќните броеви 155 и 156 (општина Карпош)
Македонија
Време денес повремено со пороен дожд и грмежи, температурата ќе достигне 14 степени
Вренето денес ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (и над 20 л/м²) и поројни, проследени со грмежи особено во западните и јужните делови од земјата. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степен.
Во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд повремено пороен и проследен со грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 14 степени, јавува УХМР.
Ветерот долж Повардарието ќе продолжи да засилува и во среда. Во среда и четврток ќе има локална појава на повремено пороен дожд и услови за грмежи. Потоа следи период на претежно стабилно и постепено потопло време.