Македонија
ВМРО-НП: Тие што гласно се чудат да се прашаат зошто некој манипулирал и ги учел со лажни податоци
ВМРО-Народна партија го поздравува напредокот на двете историски комисии како чин на позитивниот пат на Северна Македонија кон Евро-атланската интеграција. ВМРО-Народна партија сака да потсети на техничкиот дел од договорот дека овие заклучоци што ги гледа сега македонската јавност се договорени пред повеќе од две години, за жал тогаш бугарската страна тоа го оцени како премалку и стави вето, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-НП велат дека „секој што се занимава со висока политика во Македонија претпоставуваме дека треба да го знае тој факт затоа што беше кажуван и од претседателот на државата и од претходниот премиер, како и од претседателот на нашиот дел од комисијата, затоа изненадува чудењето кое сега одредени политички лидери го искажуваат“.
„ВМРО-Народна партија смета дека во заедничкиот договор се изнесени многу добро познати факти за целата светска и балканска византологија и медиевистика, а тие што гласно се чудат треба да се прашаат не за фактите туку за тоа што некој ги манипулирал и ги учел со лажни податоци. Прашањето е дали некој сака да се соочи со фактите или да живее во лаги. И конечно сакаме да ги потсетиме сите загрижени дека во времето на десетгодишната антиквизација на македонската историја и петте личности, св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум и цар Самуил беа комплетно омаловажени и обесмислени во нивното дело и некако воопшто не ги спомнувавме“, соопштуваат од партијата.
Партискиот став е „сите тие кои тогаш молчеа и го поддржуваа тоа искривување на историјата денеска критикуваат. Затоа можеме и да кажеме дека ова е враќање на св. Кирил и Методиј на св. Климент и Наум на цар Самуил во македонската историографија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачевски го повика Милошоски да не го блокира законот за рестриктивни мерки откога на црната листа на САД се најдоа Јакимовски и Јанева
Одлуката да ги стават на црна листа градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, САД ја носат врз основа на информации со кои располагаат, смета експремиерот Димитар Ковачевски. Тој денес јавно го повика патеникот Антонијо Милошоски да не го блокира предложениот закон за рестриктивни мерки со кој лицата од црните листи на земјите кои ни се стратешки партнери ќе може да бидат процесирани преку домашното законодавство.
„Се работи за одлука која ја носат американските институции врз основа на информации со кои тие располагаат. Со оглед на тоа што САД се наш стратешки партнер исто како и Европската Унија и Обединетите нации Владата подготви закон за рестриктивни мерки. Поднесен е до Собранието. Го повикуваме пратеникот Антонијо Милошски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура. Очигледно е дека тој од некаква причина го блокира тој закон да не биде ставен на комисиска расправа и да не биде донесен. Доколку не планираат да го стават тогаш треба да кажат од кои причини тој закон не сакаат да биде донесен во Собранието“, рече Ковачевски.
Неговата партија вчера и преку соопштение до медиумите го повика Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика во Собранието, да го стави на дневен ред предложениот закон и да го поддржат за да биде изгласан.
СДСМ јавно побара поддршка за предложениот закон за рестриктивни мерки откога Стејт департментот вчера соопшти дека на црна листа се ставени Јакимовски и Јанева. Јакимовски оти како градоначалник бил вмешан во коруптивни дејствија, користење на положбата за мешање и попречување на урбаното планирање, набавки во негова корист и во корист на неговите соработници, а Јанева, оти е вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист.
Македонија
Милошоски: Владата се плаши да ги искористи законските основи и да отвори истрага против Мерко, Јанева и другите меѓународни пријатели
Владата на ДУИ и СДСМ се плаши да ги искористи законските основи за меѓународна кривична соработка со САД и да отвори истраги против Рамиз Мерко, Катица Јанева и другите владини пријатели, кои се дел од црната листа на официјален Вашингтон, реагира на социјaлните мрежи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Потсетува дека Македонија веќе има усвоено Закон за меѓународна соработка во кривичната материја.
Во овој закон, како што појаснува, предвидена е можноста домашен надлежен орган (Министерството за правда или Јавното обвинителство) да испрати замолница за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава (чл.16).
„Со замолницата, која се доставува преку министерството за правда, од странската надлежна институција се бара достава на списи, информации и материјални докази за одредена предистрага, истрага или тековен судски предмет за физичко и/или правно лице. Овој закон (чл.35) овозможува и формирање на заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува државниот обвинител на Македонија. Во чл.39 од Законот за меѓународна кривична соработка дури е предвидено и секое истражно дејствие што го превземал надлежен орган на странската држава да биде изедначено со соодветно дејствие во кривичната постапка пред домашните институции.
Сумарно: Владата, министерот за правда и ЈО, доколу имаат политичка воља за сериозна борба против корупцијата, имаат важечки законски основ без одолговлекување преку Министерството за правда веднаш да испратат замолница до надлежните органи на САД за достава на сите документи, списи, докази и информации за Рамиз Мерко, Катица Јанева, Стевчо Јакимовски и другите лица на “црната листа”.
Државниот јавен обвинител може веднаш да оформи заеднички македонско-американски истражен тим и да поведе самостојна или заедничка истражна постапка и да оформи/ да процесуира кривично-правни предмети пред надлежните институции во Македонија“, истакнува во напишаното Милошоски.
Според него, овој закон добро е да се надгради и синхронизира со дополнителен закон за рестриктивни мерки, за што претставниците на стручната фела ценат дека е потребна квалитетна јавна расправа.
Оценува дека Собранието треба да биде организатор и домаќин на една таква јавна расправа, на која главниот збор ќе го имаат претставниците на судската фела, претставници на Обвинителството, адвокати и професори по кривично право. На ваквата јавна расправа, како што додава, многу ќе користи и присуството на експерти за рестрикции и санкции од САД и ЕУ за да имаме одржливо унапредување на позитивните норми во оваа регулирана област за меѓународна соработка во кривичната материја.
Сервисни информации
Нормализиран сообраќајот на патот Битола – Прилеп
АМСМ информира дека од 11.20 часот сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.