Македонија
(Вознемирувачко) Распарчено маче и сатанистички симболи на улица во Драчево
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ објави фотографии на социјалните мрежи од распарчено маче и сатанистички пораки напишани на улица во Драчево.
„Секта или умоболно изживување – сатанистички симболи и искасапено маче среде текст што го слави сатаната на улица во Драчево. На фотографија направена утрово во Драчево, која ни ја испратија згрозени и уплашени граѓани, се гледа раскомадано маче – телото на мачето е буквално пресечено на пола – поставено на улица среде сатанистички симболи и латински текст ‘слава му на сатаната'(аd majorem sathanas gloriam ) и ‘врати на пеколот, отворете се’ (zazas, zazas, nasatanada zazas). Оваа слика е затекната на тротоар на автобуската станица во Драчево“, објавија од Здружението.
Од таму велат до сега немаат сретнато ваква морбидност и ги повикуваат сите кои имаат какви било сознанија за овој случај веднаш да пријават во полиција или да го контактираат здружението.
„Сите науки кои го толкуваат човековото однесување укажуваат дека ваква бруталност може да ја стори само садист, психопат и социопат со изразени манијакални способности и како таков не претставува опасност само по животните туку по секое живо суштество. Доколку станува збор за сатанистичка секта, феноменот е уште посериозен затоа што тенденциите на сектите се да инволвираат што повеќе животни и/или луѓе како ритуални жртви. Институциите мора да истражат дали на ова место во Драчево имало камери што можеле да го снимат сторителот и дали има сатанистички секти во Скопје и Македонија. Особено што по објавувањето на оваа фотографија повеќе граѓани нè информираат дека истиот текст е виден и на ѕидот на детска градинка во Тавталиџе, како и на ѕид на зграда во центарот на Скопје“, велат од „Анима мунди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски од Струмица: Управните служби ќе издаваат лични документи и во сабота
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на струмичкиот крај, каде што оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсекот за управни работи Струмица и канцеларијата за управни работи во Ново Село. Министерот Тошковски од страна на раководството на СВР Струмица беше брифиран дека, генерално, безбедносната состојба на подрачјето што го покриваат е стабилна и не се забележува позначајно зголемување на бројот на извршени кривични дела, а во тој поглед имаат солиден процент на реализација. Како проблем на чие решавање треба да се работи што побргу беше истакната слабата кадровска пополнетост, односно недостиг на човечки ресурси за работа.
„Во делот на управните служби би сакал да потенцирам дека во интерес на струмичани повторно ќе почне процес на издавање лични документи и во сабота (од наредната), а работиме на тоа да се издаваат лични документи и во текот на работната недела по 16 часот со цел луѓето, по завршување на работните обврски, да може да си ги подигнат готовите документи“, нагласи министерот Тошковски.
Што се однесува до канцеларијата за управни работи во Ново Село, и покрај опструкциите на Владата со поништувањето на наредбата на колешката, која доброволно прифати да помогне во овој дел, како што потенцира Тошковски, со почетокот на континуираното функционирање на базната станица таа опслужува граѓани од поширокото подрачје на Струмица и бројот на фотографирања на оваа територија се зголеми 32 %.
Македонија
(Видео) Јавното обвинителство се координира со другите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес
Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции што се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатира дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамките на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцира улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.
Македонија
Склучен меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и „Кроација осигурување“ АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР