Македонија
Во Кривичен нови рочишта за Зеќири, Бонева, Дерковски и случајот „Ласкарци“
Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат нови рочишта на кои ќе се судат случаите каде обвинети се експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, ексгенералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири, експретседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски. Ќе се одржи и рочиште за случајот „Ласкарци“ каде обвинети се сопственикот и раководни лиц од „Дурмо турс“. На сите рочишта треба да се изведуваат докази, а на дел и да се испитуваат сведоци односно вештаци.
Во случајот „Друмарина“ за кој обвинение се поднесе пред три години, поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, се сомничи за измама со фискални сметки од патарина, која го чинела Собранието околу 100.000 евра.
Мухамед Зеќири, пак, се гони за злоупотреба на службената положба, бидејќи според обвинителката Катерина Коларевиќ, од април 2021 до март 2022 спротивно на Законот и без спроведена постапка за јавна набавка склучил два договори за консултантски услуги за Пошта и Железници Транспорт тешки скоро 1,5 милиони евра.
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски и уште тројца вработени во ДИК одговараат за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување односно набавката на софтвер за резултати од изборите од економскиот оператор ДУНА. Според обвинението, обвинетите И.Ќ., А.А. и А.Ш. вработени во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, во периодот од февруари до септември 2020 година неизвршувајќи ги своите службени должности при спроведување на постапката за јавна набавка на софтверот за изборите, не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор ДУНА ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови. Потоа, врз основа на извештајот од спроведена постапка, првообвинетиот Оливер Дерковски, како претседател на ДИК, без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач.
Во случајот „Ласкарци“ Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против шест лица кои ги осомничени дека сториле тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 38 патници беа тешко повредени. Обвинение е поднесено против газдата на Дурмо – турс и одговорното лице во фирмата – бидејќи според обвинителот, иако знаеле дека автобусот е неисправен не презеле ништо да ги поправат дефектите на системот за сопирање на автобусот. Исто така тие давале и насоки на возачите на автобусите да монтираат опрема со која ќе се манипулира вистинската брзина со која се движи автобусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.