Македонија
Врховен до антикорупциска: Судиите се независни и не подлегнуваат на притисоци
Врховниот суд ѝ одговори на Државната комисија за спречување на корупцијата и судирот на интереси на вчерашниот допис да бидат внимателни кога постапуваат на општата седница поради судир на интереси.
Во соопштението, на кое не пишува дали е од претседателот, или од сите судии, пишува дека Врховниот суд постапува согласно уставните и законските надлежности, применувајќи ги притоа Уставот, законите, меѓународните ратификувани договори, како и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Судиите на Врховниот суд на Република Северна Македонија согласно Уставот се самостојни и независни во своето одлучување и при вршење на задачите од својата надлежност пред сè оценуваат дали има законски пречки да постапуваат во конкретен предмет. Притоа, судиите се раководат од законски предвидените основи за изземање, вклучително и субјективниот тест, односно дали судијата смета дека постојат околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност“, пишува во соопштението.
„Во досегашната пракса судиите кои постапуваат по конкретни предмети секогаш се изземале во постапки во кои постоеле причини за изземање, вклучително и во постапки по предмети за кои се одлучувало на општа седница, при што не подлегнуваат на какви било надворешни притисоци“, се вели во соопштението.
Од судот појаснија дека лани биле донесени вкупно 150 решенија за изземање судии, од кои 146 се донесени врз основа на барање.
Државната комисија за спречување на корупцијата, вчера испрати допис до Врховниот суд, со кој ги предупреди врховните судии дека не треба да учествуваат на општата седница на која ќе се расправа кој закон за судови да важи за евентуалното нивно разрешување, по поднесените иницијативи на двајца скопски адвокати. Писмото беше адресирано до претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски од Куманово: Ја исправивме децениската неправда кон стечајците,
Носителот на листата за ИЕ2 на Коалицијата За европска иднина, Оливер Спасовски, денеска се обрати на прес конференција која се одржа во Куманово. „Време е за подобро и повеќе“ – порача Спасовски, додавајќи дека тоа практично значи имплементирање на европските стандарди во сите сегменти на живеење.
„Откако одговорно и државнички ја утврдивме визијата за иднината на нашата држава, од која нема откажување, го ставаме фокусот одново на граѓаните, а мерките и политиките кои ги испланиравме преставуваат одговор на нивните потреби и барања. Бидејќи секој еден е важен! И сите, без исклучок, под ова парче небо заслужуваат еднаква шанса за подобар живот! Сите сме свесни дека вистински промени може да се случат само со влез во европското семејство. Членството во ЕУ ни е потребно за да можеме побрзо и поефикасно да ги исправиме системските грешки правени низ годините наназад и да го подобриме квалитетот на животот“, рече Спасовски.
Тој појасни дека процесот на преговори со ЕУ ќе ги донесе европските вредности во сите сфери на општеството, а целта е да се изгради вистински хумано општество за сите, како продолжение и надградба на воспоставениот концепт „Едно општество за сите!“.
„За СДСМ социјалната правда била и останува врвен приоритет во политичкото и институционалното дејствување. Нам секогаш ни биле важни луѓето, наспроти стиропорните фасади, споменици и обнова на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го покажавме и со законското решение со кое во изминатиот мандат го решивме деценискиот проблем на стечајците. Ја исправивме долгогодишната неправда која им беше нанесена на овие наши сограѓани. Тие претходно со години се соочуваа со мачни постапки, поминаа вистинска голгота талкајќи низ улиците во потрага по своите права. И цела деценија беа бесчувствително игнорирани и манипулирани од тогашните креатори на политики“, потсети Спасовски, истакнувајќи дека речиси 13.000 лица кои останале без работа поради стечај, ликвидација и како технолошки вишок во претпријатијата во доминантна сопственост на државата, добија соодветен месечен надоместок, односно право на материјално обезбедување, во висина од 34% од просечна плата по работник до пензионирање или до повторно вработување.
Имено, од 2017 година беа донесени неколку законски решенија за материјален надомест на стечајците, според најдобрите европски практики, кои постојано беа прилагодувани на нивните потреби.
„Нашата цел беше да им овозможиме на овие наши сограѓани достоинствен живот и притоа да опфатиме што е можно повеќе лица. И не само што успеавме во тоа, туку покажавме и дека наместо гол ПР и пропаганда, ние изнаоѓаме системски решенија за проблемите на граѓаните. СДСМ уште еднаш докажа дека е одговорна партија која континуирано се грижи за сите граѓани, го враќа достоинството и гради фер и праведно општество“, истакна Спасовски на прес конференцијата.
Тој додаде дека во изминатиов мандат солидарноста беше вградена во сите владини политики и мерки, а правичното општество ќе продолжи да се надградува и во текот на преговорите со ЕУ, преку неминовните реформи кои ќе обезбедат европски квалитет на живеење за сите граѓани и достоинствени услови за ранливите категории.
„Сега, кога исполнувањето на европскиот сон ни е на дофат на раката, нема откажување од иднината!“, порача Спасовски од Куманово.
Македонија
Меџити: Коалицијата „Вреди“ е по барање на народот, а коалицијата на ДУИ со Мендух Тачи и другите е коалиција од зорт
Претседателот на Демократското Движење, истовремено и носител на листа за пратеници во првата изборна единица, Изет Меџити, синоќа од Централниот митинг на Коалицијата ВЛЕН во Струга се упати со победнички говор, истакнувајќи дека Коалицијата Вреди е единствената алтернатива за спас на албанците од криминалот и корупцијата.
„Помалите заедници се мали, тие треба да бидат на власт за да им помогнат на нивната заедница. Затоа упатуваме порака дека тие ќе бидат со сицилијанскиот фронт до 8 мај, од 9 мај ќе се приклучат во победничкиот камп на албанците, во коалицијата Вреди“, истакна Меџити.
Меџити исто така, додаде дека ДУИ во контуинитет ги рециклира 100-те фигури насекаде, по директорски позиции, како да немаме млади подготвени и без криминал за да ги извршат овие задачи. „Ние ќе го ослободиме системот и ќе им дадеме шанса на младите подготвени“, рече Меџити. Меѓу другото, Коалицијата на ДУИ со Мендух Тачи и останатите ја нарече коалиција на зортот, додека обединувањето на опозицијата во ВЛЕН како потреба на народот.
Македонија
Општина Центар организира хуманитарен настан за лекување на Кара Селовска
Општина Центар во сабота во Парк на Франкофонија организира музички хепенинг за собирање средства за лекување на Кара Селовска. Настанот е во организација на сите осум основни училишта и со поддршка на Општина Центар.
Кара има 12 години и е ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Општина Центар. Поради сериозни компликации во моментов е хоспитализирана на клиниката во Барселона, Шпанија поради дијагностицирање на нејзината болест.
Ова е втора акција која Општина Центар ја организира за собирање средства за лекување. Претходно пензионерите од Центар организираа аукција на слики преку која собираа донации за Кара.
За иста цел Општина Центар ве кани во сабота во Парк на Франкофонија со цел сите ние да и помогнеме на Кара успешно да го заврши лекувањето.