Македонија
Вчера се аплицирани 12.211 вакцини
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 196.119 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 9.711 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.211 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 232.485 дози вакцини, а ревакцинирани се 36.366 граѓани. Со последните бројки 44 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 36 отсто од населението над 65 години и 30 проценти од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортсите сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 384.706 граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список
Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и демократска атмосфера, но нагласуваат дека сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места.
Како што информираше Моника Маневска, портпаролот на Ванковска, забележани се помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и др.
Истакна дека од терен добиваат информации дека во Куманово се правеле редици заради проблемите со фингерпринт, а во некои изборни места гласањето почнало со доцнење.
Исто така беше кажано дека и на овие избори се појавуваат нерегуларности во избирачкиот список па така во некои изборни места има запишано почонати гласачи, а некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса ги нема во изборниот список.
Македонија
Ромите за Демократија: Членови на СДСМ се закануваa на Ромите набљудувачи на изборите
Денес, додека Северна Македонија ги организира своите претседателски избори, се појави голема загриженост за безбедноста и интегритетот на изборниот процес. Членовите на фондацијата „Ромите за Демократија“, кои се набљудувачи на изборите, беа изложени на сериозни закани и заплашувања од членови поврзани со партијата СДСМ, се истакнува во соопштението на оваа фондација.
Додаваат дека како одговор на овие алармантни случувања, фондацијата „Ромите за Демократија“ испратила официјално писмо до лидерот на партијата СДСМ, во кое бараат итна акција.
Во писмото, како што појаснуваат, се повикува на итна истрага за заканите кон ромските изборни набљудувачи и се нагласува потребата од брзи и соодветни санкции против сите вклучени членови на партијата.
Фондацијата „Ромите за Демократија“ најостро го осудува овој чин на заплашување што се применува врз ромските набљудувачи на изборите“, изјави Селвије Мустафи Алкан, извршен директор на Фондацијата.
„Безбедноста на сите набљудувачи на изборите мора да бидат гарантирани за да се обезбеди интегритет на изборниот процес и да се поддржуваат принципите на демократијата“.
Во писмото дополнително се бара одговор од лидерот на партијата СДСМ до крајот на денот, во кој се наведени чекорите преземени за решавање на ситуацијата и спречување какви било дополнителни инциденти. Непочитувањето, како што велат, ќе резултира со информирање на меѓународната заедница, нагласувајќи ја одговорноста на партијата за безбедноста на набљудувачите на изборите.
„Нема да толерираме никакви закани или насилство врз оние кои се посветени на обезбедување слободни и фер избори“, продолжи Алкан. „Партијата СДСМ мора да ги почитува принципите на демократијата и да преземе итни активности за да ја обезбеди безбедноста на ромските набљудувачи на изборите“, истакнуваат од оваа фондација.