Македонија
В сабота „Бела ноќ“ на 15 локации во Скопје
Во сабота, 5 октомври, концерти, изложби, кино, театарски претстави, 3Д видео мапинг и уште многу други културни содржини ќе бидат дел од овогодинешната јубилејна 15. „Бела ноќ“ во Скопје.
На 15 локации, истовремено, уметници, музичари и сите кои се дел од „Бела ноќ“ на присутните ќе им понудат најразлична културно-уметничка содржина. Веќе 15 години, фестивалот ја доближува уметноста до граѓаните, со концептот кој одговара на урбаната заедница која се поистоветува со својот град.
Како дел од овогодинешната програма, на платото пред Универзалната сала ќе се одржи концертот „50 години Скопски“, кој ќе започне во 20:00 часот. Овој настан ќе ја одбележи важноста на еден вака грандиозен фестивал на кој се родиле голем број музички имиња што оставиле огромни хитови, кои сеуште се актуелни. Во придружба на Биг бендот, скопјани ќе се потсетат на најголемите хитови од Скопскиот фестивал со настапите на Драган Мијалковски, Славе Димитров, Верица Ристовска, Лидија Кочовска, Сашо Гигов, Ѓоко Таневски, Сара Мејс и Ај Кју.
Победниците на натпреварот во видео мапинг на Skopje Light Art District 2019, французите Џереми Ури и Милош Лисински, својата визуелна уметност ќе ја отсликаат на фасадата на катната гаража „26-ти јули“.
Во МКЦ пак, како дел од 9-тото издание на фестивалот „НЕкултура“, посетителите ќе се забавуваат со прочуеното британско електронско дуо Paranoid London, но и со домашните Pluto’s Doubt, Sethstat, Barum Barum и останатите артисти и диџеи кои ќе бидат дел од фестивалот.
Во МНТ од 22 часот ќе има премиера на претствата „КРУГ“, адаптирана според антологиското дело на Артур Шницлер (Reigen), а во режија на Наташа Поплавска. Претставата ја отвара вечната тема – потрагата за љубов, наспроти потребата за секс. Низ десет интимни сцени ќе влеземе во „креветите” на десет карактери кои како во ланец се врзуваат во еден затворен круг. Во главните улоги ќе ги видиме македонската актерка Дејана Попоска која живее и работи во Париз и италијанскиот актер Јакопо Гaрфањоли. Претставата е забранета за помлади од 18 години, а ќе се одигра на англиски јазик со превод на македонски.
Националната Опера и Балет ќе одбележи свој јубилеј, 70 години постоење со делата „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“.
Многу други изложби, настани, претстави, концертни настапи во живо ќе се одржат низ Скопје – КИЦ, Театар Комедија, Музејот на македонската борба, Галерија 8 во Старата Чаршија, во паркот Ибни Пајко, Мала Станица, Градското кино Милениум како и во Музејот на современа уметност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонски концепт: Ја поздравуваме одлуката на кандидатот Пендаровски да го истрча и вториот круг
Колку беше важна победата на кандидатката Гордана Силјановска Давкова во првиот круг, толку е важна одлуката на кандидатот Стево Пендаровски да го истрча и вториот круг и да не ги бојкотира претседателските избори, велат од Македонски концепт.
„Бојкот никогаш не бил решение, ниту на Референдуми, ниту на Попис на население, ниту пак на Избори. Мора да се почитува волјата на народот и да биде мирно предадена власта на победничката Коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО ДПМНЕ, а чиј дел е и нашата партија Македонски Концепт.
Партијата Македонски Концепт честита на огромното водство на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, што е резултат на нашите политики за обединување на опозицијата, нешто што го депласираше и детронизирање ДУИ и нивните сдса измеќари, а со цел уште поголема победа во вториот круг на 8ми Мај, повикуваме на уште поголемо обединување и окрупнување на Коалицијата „Твоја Македонија“ со останати добронамерни политички партии и членови и симпатизери на останати партии, чии водства се платеници на ДУИ, но нивните поддржувачи се искрени Македонци и искрено се радуваат на оваа голема македонска победа.
Македонски Концепт го реафирмира својот став за граѓански концепт на Уставот на државата и ги повикува сите македонски граѓани, без разлика на етничка, верска, партиска или друга припадност, да се вклучите во нашите активности и на 8ми Мај да дадете поддршка на Коалицијата „Твоја Македонија“ и број 2 на гласачкото ливче и за претседателски и за парламентарни избори“, велат од партијата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8. мај
Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација на Македонија, порача ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од претседателските избори.
„Народот избра промени. Македонија повторно ќе биде горда и твоја.
Огромната поддршка на народот обврзува за промени и брзи резултати, работата не е завршена, црвениот картон граѓаните ќе го дадат на 8-ми мај.
На 8-ми мај СДС ќе доживеат уште поголем пораз, затоа што народот сака промени, и просперитет за Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на напорна работа и експресни резултати по 8-ми мај, народот мора брзо да ги почувствува промените и Македонија да тргне напред.
По 8-ми мај Македонија ќе тргне по патот на економска обнова, поголеми плати и пензии, развиена инфраструктура, квалитетно образование, здравство какво што заслужува секој човек. По 8-ми мај следува економска трансформација на Македонија.
Ги повикуваме граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг и да ги потврдиме промените. Народот ќе си ја врати Македонија.
Македонија повторно твоја“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите
Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде како и во 2019 година ќе се соочи со нејзиниот опонент Стево Пендаровски.
Според пребројани 99,85 отсто од гласовите, Силјановска освои 362.682 гласа, или 40,08 отсто, додека Пендаровски првиот изборен круг го завршува со 180.306 гласа, односно 19,93 отсто.
Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто), потоа Максим Димириевски од ЗНАМ со 83.787 гласа (9,26 отсто), Арвен Таравари од ВРЕДИ со 83.356 гласови (9,21 отсто). Следна е Билјана Ванковска од Левица со освоени 41.172 гласа (4,55 отсто) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 0,90 отсто, односно 8.103 гласови.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните.