Македонија
Герасимовски: КК Работнички ја враќа славата, клубот потпиша спонзорство со српски МТЕЛ
Општинскиот кошаркарски клуб „Работнички“ добива сериозен спонзор со кој повторно ќе освојува пласмани на домашната сцена. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска присуствуваше на потпишувањето на четиригодишниот договор меѓу МТЕЛ, членка на групацијата Телеком Србија и КК Работнички Скопје.
„Станува збор за ново поглавје, ново партнерство на нашиот најтрофеен клуб, најголемиот бренд на Центар и еден од најпрепознатливите спортски колективи во Скопје, КК Работнички со една од најуспешните компании во регионот, српската МТЕЛ. Моја заложба како градоначалник, но и како центарец, е повторно да го вратиме клубот на старите победнички патеки. Со обезбедувањето на ова спонорство од МТЕЛ, обезбедуваме подобра и сигурна иднина на нашиот најтрофеен кошаркарски колектив“, изјави Герасимовски.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски истакна дека во ова тешко време кога во фокус е животниот стандард треба да се инвестира во проекти кои носат радост и гордост кај сите граѓани.
„Денес целата спортска јавност треба да ја поздрави деловната одлука на МТЕЛ да стане генерален спонзор на еден од најтрофејните македонски спортски клубови. Во услови на европска енергетска и економска криза на граѓаните им требаат моменти кога треба да се навива, да се почувствува слободата и да се присуствува на спортски натрепревари. Како Влада и понатаму ќе продолжиме активно да создаваме услови компаниите да продолжат со донации и спонзорства да го поддржуваат спортот“, истакна премиерот Ковачевски.
Генералниот директор на МТЕЛ Марко Лопичиќ истакна дека компанијата го поддржува спортот во неколку држави и таа пракса ја проширува во Македонија.
„Како што веројатно знаете и сами Телеком Србија во Србија, како и нашите компании во Босна и Херцеговина и Црна Гора, од своето основање го поддржуваат спортот и на аматерско и на професионално ниво, поради тоа решивме таа позитивна деловна пракса да ја пренесеме и во Македонија. Се надевам дека ова спонзорство ќе овозможи на кошаркарите и стручниот штаб на Работнички да работат и да се натпреваруваат во уште подобри услови и дека резултатите во сезоната која што е пред нас ќе бидат уште подобри“, нагласи извршниот директор на Мтел, г-динот Лопичиќ.
За директорот на Телеком Србија Владимир Лучиќ, потпишаното спонзорство е најдобар доказ за стратешката посветеност во спортот.
„Денешното потпишано спонзорство, како и сите други планови и инвестиции кои ги имаме во Македонија, се најдобар доказ за нашата стратешка посветеност на овој пазар и сигурен знак дека сите наши соработка и идни корисници, како и Владата на Република Северна Македонија, во нас имаат сигурен партнер“, истакна Лучиќ.
Директорот на КК Работнички, Горан Веселиновски кој целата своја играчка кариера ја помина во клубот рече дека чувствува обврска да помогне КК Работнички повторно да се врати на врвот.
„Знам дека приказната на КК Работнички е долга и бурна, со подеми и падови, но во овој момент јас верувам дека заеднички ќе го создадеме нејзиниот среќен крај“, рече Веселиновски.
Подобрување на состојбата во КК Работнички беше дел од предизборното ветување на градоначалникот Герасимовски. Овој догорор за Општина Центар и центарци значи напорна работа се до ново подигнување на шампионскиот пехар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонската армија и се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на Фејсбук триесетина минути стоеше наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност”, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.
Македонија
Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче
Приведено е уште едно лице за кражбата на сеф од маркет во Црниче.
Од МВР информираа дека вториот приведен е В. Т. (36) од Скопје.
Претходно, Обвинителството објави дека приведен е 26-годишен скопјанец, кој учествувал во кражбата.
Со тоа, двајцата се сомничат дека на 1 април провалиле во затворен маркет на улицата Востаничка во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или сѐ во вкупна вредност од 285.000 денари.
ОД МВР информираа дека судија на претходна постапка на едното лице му определи мерка притвор.