Македонија
Герасимовски ја донира мартовската плата за болен ученик, ги повика и советниците да го сторат тоа
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ја донира својата мартовска плата за извршување оперативна интервенција на ученик што боледува од аневризма на главата и кому му е потребна финансиска помош за понатамошно лекување во Германија.
По извршената донација, Герасимовски ги повика општинската администрација и сите граѓани да се приклучат на повикот и донираат, а на советниците од Советот на Општина Центар им предложи да го следат неговиот пример и да донираат половина од своите советнички паушали. Станува збор за ученик од четврто одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Никола Трајковски.
„Ве повикувам и вас, сите хумани граѓани, да донирате и да го споделите овој повик. Ајде заедно да му помогнеме на Никола да победи во оваа тешка животна борба. Општина Центар и центарци се познати по својата хуманост. Тука сме биле секогаш да подадеме рака и да укажеме помош онаму каде што е најпотребна. Да го докажеме тоа уште еднаш“, повика Герасимовски на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.
Македонија
Ванковска: Мојата цел беше не да победам, туку да вознемирам една застојана елита
Кандидатот за претседател на Македонија, Билјана Ванковска упати честитка за победниците, по завршувањето на првиот круг од претседателските избори.
„Јас сум среќна за можноста што ми ја даде Левица да зборувам слободно, чесно, отворено и радикално – да понудам нешто што мнозина не беа спремни да го прифатат како опција. Народот очигледно не е подготвен за тоа. Мојата цел беше не да победам туку да вознемирам една застојана елита. Колку успеав, ќе видите наскоро. Не сакам да бидам пророчица, но новиот претседател ќе се соочи со сето она за што предупредував“, напиша Ванковска на социјалните мрежи.