Македонија
Ги уценувале со илјадници евра за да не објават текстови за Драган Даравелски и Минчо Јорданов
Во кривичниот суд во Скопје, повторно, од почеток почна судењето за случајот „Шпион“, кое го застапува специјалното јавно обвинителство. Во предметот првично беа опфатени 19 лица. На почетокот на судењето обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифоска, рече дека обвинетиот, Зоран Божиновски, нема да го гони за оддавање државна тајна бидејќи тоа кривично дело не било наведено во барањето за негова екстрадиција и дека тој ќе одговара за останатите кривични дела.
Обвинителката Јосифоска рече дека СЈО останува на обвинението поднесено од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Во една од точките на обвинението, обвинителката рече дека Зоран Божиновски и Марјан Ефремов му се заканиле на Драган Даравелски дека доколку не им исплати 200 илјади евра, ќе објават податоци за него во повеќе весници, со што ќе му ги нарушат честа и угледот. Тоа најпрво било направено преку посредници. Ефремов, според обвинението, бил и во Белград, каде што се сретнал со Даравелски. Откако не успеале да му извлечат пари на Даравелски, Зоран Божиновски почнал да објавува текстови за Даравелски на порталот „Буревесник“ и на други портали.
На минатото рочиште судијата Владимир Туфегџиќ најави дека Даравелски преку конференциска врска ќе сведочи во предметот, а за тоа ќе ја употреби спогодбата потпишана помеѓу Македонија и Србија за правна помош.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече обвинителката, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и октуп на акциите во АД „Бетон и други фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
Според СЈО, секој во криминалната група ја знаел точно неговата улога. Судењето продолжува со распит на обвинетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Патот Штип-Кочани во прекин поради сообраќајка
Од 17:10 часот, поради сообраќајна незгода на патниот правец Штип-Кочани, сообраќајот е во прекин во една насока, информираат од АМСМ.
Македонија
Маричиќ: Имаме план за зелена Македонија во која граѓаните ќе станат акционери на енергетските компании
Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ денес во изјавата за медиуми се обврза дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина нема да се откажат од стремежот за енергетска независност и од зелена енергија.
Во своето обраќање посочи дека е време да се сопре со фосилните технологии.
Изјави дека постоечките енергетски капацитети на фосилни горива да ги трансформираме во соларни електрани кои произведуваат зелена енергија.
„Тој процес го продолжуваме со голема новина: Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните! Граѓаните стануваат акционери во енергетските компании. Висок процент од вкупниот број издадени акции во државните енергетски компании ќе се поделат еднакво на граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство.
Нашиот план е производството на енергија да се зголеми за најмалку 70% за да ги задоволиме домашните потреби за струја. Во наредните четири години за 100% да се зголемат капацитете со обновливи извори на енергија да достигне 60% од вкупната потрошувачка во државата.“
Маричиќ во својата изјава потврди дека целта и програмата на СДСМ е иста со онаа на Европската Унија и Европскиот зелен договор кој предвидува нула штетни гасови од фосилни горива до 2050 година.
„Нашата визија е зелена Македонија како здрава животна средина за граѓаните. Чиста вода за пиење во секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии. Пречистување на отпадните води за здрава почва за здрава храна.“
Македонија
Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин од Унгарија до Скопје
Денеска (20.04.2024) по добиено барање од ЦУК, со полициски хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици, од Сегедин, Унгарија до Скопје е пренесен македонски државјанин кој доживеал мозочен удар на 18 април за време на службен пат во Унгарија. Тој е пренесен на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.
Oва е втор пат да се извршува ваков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, откако и на 11 април беше успешно реализирана ваква акција.