Македонија
„Гледајте утнете и да се убијам“, гласи порака на Рашковски до фирмата од која Владата го набави неговиот софтвер
Нови пораки помеѓу ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и сопственикот на фирмата „Инвока груп“, Даниел Станчев, од која е набавен софтверот за сообраќајни прекршоци патентиран од Рашковски и обвинетата Ирена Ивановска беа презентирани пред судот.
Обвинителката Ивана Трајчева кажа дека пораките биле најдени во телефонот на обвинетата Ивановска, кој бил марка „ајфон 11“. Муабетите според неа биле правени на „вибер“ со Драги Рашковски, кој бил зачуван во телефонот како „Перо 078“ и со обвинетиот Даниел Станчев.
Во нив се зборува за јавна набавка. Ова е продолжение на пораките.
Првата порака е од Даниел Станчев 23.12.2019 година: „Перо има три понуди, сите 7м. Лирекс, Кинг и ние“. „Перо 078“ односно Рашковски вратил: „Е па кога е наддавање?“. Обвинетата Ирена Ивановска напишала: „2 по 7м и една 7.3м“. Станчев пишал: „Ти треба да кажеш…“. „Перо 078“ односно Рашковски пишал: „Да одиме до 4.5. Кога ќе е наддавањето?“. Станчев одговорил: „Нема објава сè уште. Известување треба да ни пратат“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Нели е утре?“. Станчев одговорил: „До утре е евалуација. До 10 ч“. „Перо 078“ односно Рашковски повторно: „Аха“. Станчев: „Подобар ли Дамјан“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Да. Утре ќе е наддавањето. Немој да утнете. 15 поени имате само“. Ирена Ивановска пишала: „Од колку?“. „Перо 078“ односно Рашковски одговорил: „Ќе ви стаса маил. Гледајте утнете и да се убијам. И како може некој да има повеќе стартни по..“. Ирена Ивановска одговорила: „Не знам“. „Перо 078“, односно Рашковски: „Е па доставиле повеќе потврди. Ќе ви стаса маил за датум“.
На 31.12.2019 година, „Перо 078“, односно Рашковски пишал: „Аукција на 2 февруари, за сообраќајното, Инвока 95 бода, Лирекс 90 бода, Кинг ИЦТ 85“. Станчев пишал: „Најниска цена? Професорот е бек-ап за наддавањето, му дадовме јузер“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Важи. Спремни?“. Добил одговор: „Да. Почна“. Станчев: „5.56 дојде цената“. „Перо 078“, односно Рашковски: „Терајте. До 4. Па ќе ми кажеш“. Ирена Ивановска: „4.235м, Завршивме“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Ние?“. Даниел Станчев: „Е кој друг“.
По оваа презентација, Рашковски рече дека не се плаши од комуникацијата.
„Како можете да гарантираните за пораки од ПДФ-документ. Ако отворите ќе видите таму пишува кој е изворот. Дајте да ја видиме базата, дали тоа таму го има. Нас Обвинителство ни презентира ПДФ-документ, не знам дали да смејам или да плачам, со цело мое знаење. Да се утврди дека изворот на пораките е контакт.дб базата, а не ПДФ-документ. Лажен извор ни прикажувате“, додаде Рашковски.
Реагираше и Станчев: „Овој документ, бидејќи сега е пред нас, е уредуван на 24.1.2021 година“.
Трајчева одново кажа: „Оригиналните докази се во судот, датумите што ги гледате овде, како што можевте да видите додека ги читав, се маркираат со жолто. Судот може да провери.“
Претходно, исто така беше читана комуникација помеѓу Рашковски, Станчев и Ивановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.