Македонија
(Видео) Гостиварци се збогуваат со загинатите во автобуската несреќа, меѓу нив тројца студенти
Стотици жители на Гостивар се собрани пред Општината, каде што се одржа комеморација по повод загинувањето на 14 луѓе во автобуската несреќа вчера кај Ласкарци, на автопатот Скопје-Тетово. Тие се збогуваат од загинатите, чиј идентитет не е официјално соопштен. Отворена е и книга на жалост, во која се потпишуваат жителите на Гостивар изразувајќи сочувство за загинатите во несреќата.
Засега се знае дека еден од починатите е 25-годишниот Јовица Трпевски, кошаркар и син на пратеникот Благоја Трпевски, како и 37-годишниот Зоран Давидоски, вработен во Секторот за сообраќај на Град Скопје. Неофицијално, меѓу починатите има најмалку тројца студенти, една постара жена и една жена на триесетина години. Еден од студентите е Бобан Аврамоски, 22-годишен студент на Факултетот за дизајн и мултимедија при Универзитетот ФОН.
Повеќето од оние што починале во несреќата, според неофицијалните информации, седеле во задниот дел од автбусот.
Во Гостивар се веќе поставени и некролози на некои од загинатите во трагичната несреќа.
На денешната комеморација се обратија градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов.
„Велат дека катастрофите ги зближувуваат луѓето, нека биде и оваа таква. Ова е најтешкиот говор во мојот живот“, рече Таравари.
Во автобусот на „Дурмо турс“ имало 51 патник, од кои 14 загинаа, а седум се тешко повредени. Автобусот од засега непознати причини преминал на другата страна од коловозната лента, влегол на регионалниот пат и се стркалал во ендек. И покрај брзата интервенција на полицијата и здравствените работници, седуммина загинале на самото место, а другите, и покрај напорите на лекарите, не ги преживеале тешките повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.