Македонија
Градоначалниците од Полог со иницијатива за заеднички механизам за справување со поплавите
Градоначалниците на општините од Полошкиот Регион ја официјализираа иницијативата за подобрување на меѓуопштинската соработка во управувањето со поплавите и другите придружни ризици.
Преку формирање заеднички, функционален механизам за соработка, општините ќе споделуваат ресурси заради, како што велат, зголемување на ефектите од заштитата од поплавите и искористување на потенцијалите за развој на регионот.
Оваа иницијатива е поддржана од УНДП во рамките на проектот Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион, финансиран од швајцарската Агенција за развој и соработка и швајцарскиот Секретаријат за економски прашања.
„За да се постигне вистинско подобрување на отпорноста кон поплави, надворешната поддршка не е доволна. Решенијата треба да произлезат од најзасегнатите и најзагрозените – од самите заедници и од надлежните институции на локално и централно ниво”, изјави Луиза Винтон, постојаната претставничка на УНДП во Македонија, на средбата со градоначалниците и претседателите на советите на општините од Полошкиот Регион.
На работниот состанок што се одржа во Тетово беа разгледани целите на проектот, како и последните резултати од сеопфатните анализи на ризикот од поплави во регионот. Се отвори дебата и за типот мерки кои се очекува да бидат имплементирани во наредните неколку години како одговор на предизвиците, како и улогата што општините и другите институции ќе ја имаат во неговата реализација.
Потенцирана беше потребата и самите општини да учествуваат во финансирањето на проектот, како дополнување на донаторските средства од Швајцарија со цел да се покаже дека се препознава потребата од инвестиции во превенцијата на поплавите и нивната долгорочна одржливост.
Само во период од неколку години во регионот се случија повеќе поплави кои однесоа човечки животи и предизвикаа огромна материјална штета. Поради комплексноста на проблемот и решенијата што треба да се воведат на долг рок, како што беше истакнато на средбата, препозната е потребата од здружување на силите во заштитата на населението и материјалните добра од поплавите и другите придружни негативни ефекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.