Македонија
Град Скопје не издал дозвола за камионот што пропадна на плоштад, возачот приведен и однесен пред суд
Град Скопје, спротивно на тврдењата на Министерството за внатрешни работи, посочува дека тие не издале дозвола за движење на камионот на плоштадот Македонија, а кој пропадна во фонтаната. Од Градот велат дека кај нив имало само поднесено барање, но не и издадена дозвола. Ова ќе значи дека компанијата која е сопственик на возилото ќе треба да плати и казна.
„Возило на приватната компанија чиј камион неовластено влегол на плоштадот Македонија, по што причинил материјална штета – нема дозвола за движење на плоштадот, иако има поднесено такво барање“, велат од Град Скопје.
Возачот, странец, државјанин на Турција е приведен и изведен пред суд.
„За овој настан МВР ќе поднесе и соодветен поднесок“, додаваат од Град Скопје.
Градот Скопје по извршениот инспекциски увид издадоа санкција која правното лице ќе треба да ја плати во рок од 10 дена, во спротивно ќе следи прекршочна и кривична пријава, најавија оттаму.
Камионот пропадна утринава, неколку минути пред седум часот. Возилото на турската фирма е четврто по ред кое пропаѓа во фонтаната изградена во време на градоначалникот Коце Трајановски. Претходно, за време на фестивалот „Пиволенд“ пропадна камион. Исто така и во 2017 година при пречекот на ракометарите на „Вардар“ пропадна возило. Лани се преврте машина на „Комунална хигиена“.
Површинската фонтана во центарот на Скопје е дел од проектот на владата на Никола Груевски „Скопје 2014“ вреден околу 700 милиони евра.
Од МВР изјавија дека правното лице сопственик на камионот имало дозвола за движење, како и дека увидот е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.
Македонија
Нема да има работни саботи за учениците, МОН донесе нова одлука
Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.
Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, велат од МОН.
Од Министерството потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
„Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, додаваат од МОН.
Македонија
Со супервештачење ќе се бара вина кај лекарите за родилката од Дебар, која, по породувањето, се врати дома без јајчник, матка и бубрег
Судот нареди да се направи супервештачење за родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, на која по породување во струшката болница ѝ беа извадени јајчник, бубрег и матка. Наредбата за супервештачење доаѓа откога судот доби целосно спротивни вештачења од Обвинителството и од одбраната. Вештачењето од Институтот за судска медицина, приложено од Обвинителството, посочи одговорност кај лекарите од струшката болница, а вештачењето нарачано од одбраната, кое го направи вештакот Драге Дабески, заклучи дека лекарите ѝ го спасиле животот на родилката.
„Со супервештачењето верувам дека, конечно,. вистината ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена. Вештакот на одбраната не најде лекарска грешка, ме убедува дека со вадење три органи по породувањето со царски рез, ми го спасиле животот иако вештачењето од Судска медицина покажа дека лекарите имаат вина. Јас здравјето не можам да си го вратам, органите ми се извадени и функционирам како половина човек, но очекувам супервештачењето на лекарите да им покаже дека има лекарска грешка и на пациентите да им порачам дека не треба да молчат, треба да се охрабрат и да се борат за вистината“, вели Вепоска за „Макфакс“.
Се пожали дека секое судење дополнително ја исцрпува, а извадените органи ја ограничуваат во мајчинството, во работата и во секојдневниот живот.
„Здравјето целосно ми е нарушено. Освен физички, имам и психички проблеми, се лекувам и од тоа. Особено тешко ги поднесувам судењата, ми треба време да закрепнам од нив. Работам со скратено работно време оти немам сила за осумчасовна работа. Како мајка не можам да им се посветам на децата онака како што треба оти постојано имам здравствени проблеми, еве сега тукушто ја испив терапијата“, рече Веапоска по денешното судење.
Судијата Јодран Јованов, кој го побара супервештачењето, е трет судија што го добива нејзиниот случај откога претхдните двајца се пензионираа. Следното рочиште е закажано за 3 јуни кога Вепоска очекува да биде готово и супервештачењето.
За извадените органи по породувањето со царски рез на Веапоска, обвинети за несовесно лекување се гинекологот Мухамед Асани, кој во 2020, кога беше направено породувањето, беше директор на болницата, син му Блертон Асани и докторката Лилјана Јовановска.