Македонија
Град Скопје објави јавен повик за образовни асистенти
Град Скопје објави јавен повик за ангажирање асистенти за потребите на учениците со посебни образовни потреби во средните училишта на Град Скопје за учебната 2021/2022 година.
Сите евидентирани невработени лица што се заинтересирани да се вклучат во програмата „Општинско-корисна работа“ во рамките на проектот „Поддршка на инклузијата во образовниот процес – унапредување на правата и можностите за ранливите категории граѓани во Град Скопје“ може да се пријават во Агенцијата за вработување – Центар за вработување на град Скопје до 13.8.2021 година.
Лицата што ќе бидат избрани ќе бидат ангажирани 20 часа неделно за период од 9 месеци и ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест. Целта на проектот е овие лица да стекнат вештини и постепено да се вклучат на пазарот на труд.
Евидентираните невработени лица што ќе се пријават за учество во програмата „Општинско-корисна работа“ треба да припаѓаат на една од следниве целни групи невработени лица: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години); млади лица до 29 години; лица постари од 50 години; лица корисници на право на парична помош од социјална заштита или корисници на паричен надоместок по основ на невработеност; лица што биле корисници на програмата „Условен паричен надоместок за средно образование“; лица што имале статус на деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; жени припадници на ромската етничка заедница; самохрани родители; родители на деца со пречки во развојот; родители на 3 и на повеќе деца; родители на деца на улица и невработени лица на кои им престанал работниот однос во периодот на коронавирусот.
Заинтресираните невработени лица пријави за учество може да поднесат во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија – Центар за вработување на град Скопје, во периодот од 4.8.2021 година до 13.8.2021 година од 8 до 14 часот.
Заинтересираните невработени лица детаљни информации за програмата „Општинско-корисна работа“ може да добијат во Град Скопје, Сектор за образование, од 8.30 до 16.30 часот, секој ден, кај лицето Султана Чулева, општински координатор на програмата „Општинско-корисна работа“, на телефонскиот број 070/303-885.
Јавниот повик може да се види и преземе на следниот линк – https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Шкријељ: Понудата на ДПМНЕ е понуда за блокада на ЕУ, над 80 проценти од листите се истите пратеници
Составот на кандидатските листи за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема никаква промена во оваа партија. Ова е понуда за блокада на европскиот пат на државата, тоа е кристално јасно, истакна на денешната прес-конференција Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
„Над 80% од предложените кандидати за пратеници се истите кои досега спроведуваа активна блокада на македонското Собрание.
Освен блокада на европскиот пат на државата повеќе од 2 години Собранието е под опструкции, блокади, кочење, од страна на ВМРО-ДПМНЕ
Наместо за интересот на граѓаните и државата се спроведуваа теснопартиски инетерси а често слушнавме и навреди и омаловажувања кон жените-пратенички.
Во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите.
Беа против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во ЕУ.
Тропаа и вревеа со вувузели во парламентот“, вели таа.
Оценува дека граѓаните беа сведоци на одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од опозицијата.
Со истите лица на листите, Белата палата, според Шкријељ потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
В„о ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро, напротив.
Затоа, кристално јасно е.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад со ДПМНЕ далеку од ЕУ“, прецизира пратеничката на СДСМ.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.