Македонија
Град Скопје реагира: „Лајка“ е во милионски долгови трупани од раководството на Шилегов и СДСМ
Јавното претпријатие Лајка е во милионски долгови трупани од раководството на поранешниот градоначалник Петре Шилегов и СДСМ, реагира Град Скопје, откако претходно денеска Лилјана Божиновска, советничка во Советот на Град Скопје, обвини дека градоначалничката Данела Арсовска лошо го менаџира стационарот, а вработените со месеци не зеле плата.
„Советниците на СДСМ кои се дел од Советот на Градот Скопје кои се добро информирани за извештаите и одлуките кои се гласаат на Советот на Град Скопје, би требало наместо да пласираат лажни вести во јавноста, точно да знаат во каква состојба ги остави јавните претпријатија Петре Шилегов кој беше градоначалник од нивните редови. Граѓаните треба да знаат дека ЈП Лајка и неговата незавидна финансиска состојба е последица на неодговорното работење на претходното градско раководство. Претпријатието е руинирано, оставено со наследени долгови во износ над 10 милиони денари. СДСМ треба да го праша својот кадар претходниот градоначалник Шилегов зошто во ЈП Лајка биле ненаменски трошени средствата за редовно работење, зошто редовно не биле наплатувани средствата од скопските општини според трипартирните договори,и зошто без мерка се трошеле парите на граѓаните со што е доведено претпријатието во милионски долгови“, реагира Град Скопје.
Оттука додаваат дека лошото управување и трупањето на долгови без мерка е одлика на претходното градско раководство. Работата на кадарот на претходниот градоначалник, како што се наведува, резултирало со над десет милиони денари натрупани долгови само за ова јавно претпријатие.
„Лага е дека во ЈП Лајка нема хуман третман на уличните кучиња, напротив, кучињата се третираат на најсоодветен начин, но и се работи на консолидација на претпријатието кое претходното раководство го довело до раб на пропаст“, се додава во соопштението на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милица Џаровска се прости од татко си: Не ти кажав, ама ти знаеше дека ми беше идол
Велибор Џаровски – Џаро, познатиот менаџер, почина денес на 75-годишна возраст, по кратко боледување, додека веста за неговото испраќање ја објави неговата ќерка Милица.
– Чао Благојче мој, знам дека и горе ќе се снајдеш и ќе најдеш некоја сигурица за играње. Не ти кажав, ама ти знаеше дека ми беше идол“.
Тој зад себе ги остави сопругата Виолета, внуците Лара и Лука, но и единствената ќерка Милица, позната естрадна новинарка. Таа минатата година ја издаде книгата „Живот на коцка” која му ја посвети токму него.
Џаро соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгоевиќ, „Бјело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Беше познат и како крал на местенките во фудбалот.
Македонија
Тошковски во посета на ЕВР Центар и Бит Пазар: во фокусот недостатокот на човечки ресурси, возила и материјално-технички средства
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Полициската станица Центар и Полициската станица Бит Пазар кои функционираат во рамките на Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар каде одржа состаноци со раководството.
Оваа Единица се соочува со најголем обем на работа на ниво на целата држава имајќи ја предвид структурата на теренот кој го покриваат кадешто се наоѓаат голем број на државни институции, културни објекти и дипломатско-конзуларни претставништва поради што на дневна основа има многу голема фрекфенција на луѓе.
Во однос на вчерашниот изборен ден министерот Тошковски беше информиран дека не се забележани поголеми нарушувања, освен констатирано едно кривично дело каде член на изборната комисија се обидел да гласа за друг. Исто така, беше потенцирано дека за вториот круг потребно е да се зголеми бројот на полициски службеници со цел овозможување на непречено спроведување на изборите.
„ЕВР Центар и Бит Пазар се соочува со сериозен недостаток на човечки ресурси, како во делот на униформираната полиција така и во делот на инспекторите. ОД аспект на условите за работа во двете полициски станици и опременоста со материјално-технички средства и возила состојбата е алармантна. И покрај овие проблеми, сепак беше потенцирано дека бележат солидни резултати во расчистувањето на кривични дела.“, издвои министерот Тошковски.
Заеднички беше констатирано дека во иднина треба да се размислува за дислокација на Полициската станица Центар во посоодветен објект со подобри просторни услови, со што ќе се овозможи подобро и поефикасно постапување на полициските службеници.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Со шест милиони евра во следните три години Турскиот театар добива современ и опремен дом
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска при увидот во градежните работи на Турскиот театар, потенцираше дека со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар, обезбедена е гаранција, наскоро театарската екипа на оваа установа да има свој дом.
„Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот, за што во три буџетски години (2024, 2025 и 2026 година) се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра, односно 380 милиони денари“, рече Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека дополнително, со постојаното зголемување на платите на културните работници, кое достигна до 52 проценти во изминатите години, како што рече, „покажуваме почит кон вашето достоинство и труд и ве мотивираме да продолжите со успешните проекти“.
Министерката за култура информираше дека од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени милион и седумстотини илјади евра или 104 милиони денари, а напредокот во изградбата на објектот е забележителен, особено во делот на фасадата и на покривот, додавајќи дека за сето она што сега е реализирано беа издвоени 4,4 милиони евра, или 274 милиони денари.
Костадиновска-Стојчевска, истакнувајќи ја важноста на Турскиот театар, порача: „Нам отсекогаш ни се важни културните и јазичните различности кои нашата држава ја прават уникатен мозаик. Турскиот театар настојувал да ги промовира таквите вредности и да придонесува кон позитивни промени во општеството“.
Министерката за култура додаде дека е чест, но и голема одговорност, процесот со градежните активности да се одвива професионално, стручно и квалитетно, потенцирајќи дека Владата е одлучна сите започнати објекти од културата да ги заврши со максимален квалитет и во транспарентна постапка.
„Активно се работи и на реконструкција на голем број културни центри кои со години биле запоставени, а сето тоа со крајна цел – да продолжиме да ги подобруваме работните услови на културните работници, и понатаму да овозможуваме поголема и поквалитетна содржина за публиката и заеднички да го промовираме театарот“, рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека инвестирањето во културата е влог во иднината и во развојот на македонската култура и идентитет.
Директорката на НУ Турски театар, Ајлин Емин Скоро, во изјавата за медиумите посочи дека Националната установа Турски театар работи, функционира, твори, цели 74 години во нашата земја, а веќе 10 години работи и твори под еден покрив и на иста сцена со Театарот „Комедија“.
„Објектот што се гради е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува, ќе ги афирмира и јазикот и културата на турскиот народ овде“, рече Емин Скоро, дополнувајќи дека започнува третата фаза, односно во тек е јавната набавка за внатрешните инсталации: механика, електрика, машинство и водовод и канализација.