Македонија
Град Скопје ја поттикнува меѓуетничката интеграција во образованието
На следната седница на Советот на Град Скопје, советниците ќе ја разгледуваат Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието.
Како што информираат од Град Скопје, се развива систем на организација на заеднички активности со МИО, а дел од реформите коишто се спроведуваат во образованието не опфаќаат само подобрување на академските знаења, туку и учење коешто помага учениците да се подготват да живеат во мултикултурно општество.
Раководителката на Секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, посочи дека токму активностите кои се во насока на промоција на меѓуетничка интеграција во образованието обезбедуваат можности за непосредна интеракција на учениците со различен културен идентитет.
„Посебен акцент се дава на организирањето на заеднички часови, заеднички секции, екскурзии и приредби. Град Скопје ќе поддржи консултативни и организациски средби со ментори/експерти за планирање на наставата, активности за МИО и слично. Исто така ќе поддржиме активности за обезбедување посебна поддршка на учениците коишто изучуваат различен јазик од мајчиниот преку организирани посети на курсеви за јазик, користење интерактивни техники – компјутерски курсеви, ликовни изложби, разни заеднички настани и меѓусебно дружење во текот на наставата и надвор од редовната настава“, рече Адамова.
Овие активности придонесуваат и за интензивирање на неформалната комуникација меѓу учениците надвор од училиштето, што би била повисока цел на Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанската вклученост, појаснуваат градските власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.