Македонија
Граѓанскиот сектор реагира за смена на директорот на НП Галичица
Неколку невладини организации реагираме на одлуката на Владата за смена на сегашниот в.д. директор на националниот парк Галичица бидејќи сметаат дека за соодветно управување со заштитените подрачја во земјава потребни се стручни кадри со искуство во областа на раководни позиции кои ќе носат одлуки за унапредување на подрачјето.
,,Преку медиумите дознавме дека со одлука на Владата е разрешен сегашниот в.д. директор на НП Галичица – Андон Бојаџи, дипломиран шумарски инженер, за кого знаеме дека има 25-годишно искуство во националниот парк како раководител на секторот природа и вистински ја познава областа за чие унапредување искрено и се залага. Бојаџи е дел од тимот во речиси сите проекти за прекугранична и меѓународна соработка на паркот во насока на заштита и унапредување на природните богатства на регионот во кој работи. Во последните неколку години токму тој се залага за обезбедување самоодржливост на НП Галичица преку обезбедување финансии од еколошки туризам наместо од сеча на дрвја, како што тоа беше пракса досега. На негово место со одлука на Владата е назначен Васко Паскали, кој е дипломиран правник.
Претходниот директор на националниот парк Галичица имаше многу ризични одлуки кои можеа да значат загуба на цели живеалишта. Во 2015 година тогашниот директор на паркот одобри цела низа инфраструктурни проекти како ски-ресорт и автопат во строго заштитените зони на НП Галичица покажувајќи ни уште еднаш дека доколку сакаме заштита на природните богатства мора да имаме стручен кадар на овие позиции.
Ја прашуваме Владата зошто во случајов не е запазена законската постапка за избор на нов директор на паркот уредена со Законот за природа во член 141 каде јасно пишува дека директорот на ЈУНП се избира преку јавен оглас за вработување кој треба да биде објавен во најмалку три дневни весници кои се издаваат на територија на цела земја и зошто се откажува од успешни и стручни менџери кои одржливо управуваат со природните ресурси?”, се вели во реакцијата на Координативно тело за соработка со институции кои имаат надлежности во сектор животна средина и клима Македонски зелен центар, CNVP Македонија, Движење на екологистите на Македонија (Friends of the Earth Macedonia), ФРОНТ 21/42, Здружение за заштита на животни „Анима мунди“ и Здружение на инженери за животна средина.
Според нив, Македонија е земја што изобилува со природни богатства и многу ендемски и ретки видови и живеалишта со висок биодиверзитет. Токму вакви живеалишта има и во националниот парк Галичица и нивно одржливо управување треба да е приоритет за секој граѓанин.
„Бараме да се ревидира одлуката на Владата и да се испочитува предвидената постапка предвидена со законот и бараме со вакви позиции да раководат луѓе кои се стручни во својата област и имаат докажано искуство во заложбите за заштита и унапредување на заштитените подрачја. Сметаме дека како земја која има силни заложби да стане членка на Европската Унија токму сега мора да покажеме владеење на правото во државата”, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.