Македонија
Гривчева-Старделова: Неопходно е побрзо да бидат изгласани измените на Законот за здравствена заштита
Претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, по повод одбележување на Светскиот ден на здравјето, не го спомена протестот на здравствените работници најавен за денес, но во говорот зборува за проблемите со кои се соочуваат.
„За заштита на здравјето, како основно човеково право, неопходно е во креирањето мерки и политики да постои конзистентен пристап за зачувување на животната средина, унапредување на здравствениот систем и на лекарската професија“, истакна Гривчева-Старделова.
Светската здравствена организација проценува дека повеќе од 13 милиони смртни случаи во светот годишно може да се избегнат доколку се намали загадувањето. Поради зголемување на просечните температури забрзано темпо на ширење имаат заразните болести кои се пренесуваат преку вектори. Природните непогоди, деградацијата на земјиштето и недостигот на вода ги раселуваат луѓето и влијаат на нивното здравје. Системите кои произведуваат високопреработена, нездрава храна и пијалаци предизвикуваат бран на дебелина, зголемувајќи го бројот на заболени од рак и од срцеви заболувања.
Здравствените системи и докторите се справуваат со последиците од сите овие состојби. Здравствената криза предизвикана од Ковид-19 откри многу слабости во општествениот систем и ја акцентираше потребата од зајакнување на здравствениот систем. Докторите, како основна алка на овој систем, во изминатите години се соочија со најголеми предизвици, но и понатаму храбро и одлучно стојат на првата борбена линија со Kовид-19 и секојдневно се борат за животите на пациентите. Пошироката заедница стана свесна за важноста за надминување на предизвиците кои се појавуваат во овој сектор и за потребата од обезбедување доволен број на високостручен медицински кадар и соодветни услови за работа за да може да се постигнат и подобри ефекти во лекувањето.
„Одбележувањето на Светскиот ден на здравјето го ставаме и во функција на тоа да истакнеме што е потребно за унапредување на состојбите. Неопходно е поскоро да влезат во собраниска процедура и да бидат побрзо изгласани измените на Законот за здравствена заштита, со што ќе се регулира правото на дополнителна дејност, како и можноста матичните пациенти да се водат на здравствената установа, а не на матичниот лекар. Неопходно е побрзо донесување на измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник се смета за напад врз службено лице, што значително ќе придонесе за создавање побезбедни услови на работното место. Законските измени подолго време без причина чекаат зелено светло од пратениците, поради што е потребно конечно да се заврши постапката на нивно донесување и да стапат во примена. Здравствениот систем не може да биде стабилен и одржлив доколку во него не ги задржиме младите лекари. За да се постигне тоа неопходно е да бидат мотивирани со подобрување на условите за вработување и работење, како и унапредување на знаењата и создавање можности за развивање на научната дејност. Законот за докторска дејност, исто така е неопходно да стане дел од позитивните правни прописи, поради тоа што со него може да се направи баланс меѓу правата и обврските кои ги носи современиот начин на живот и начин на работа“, истакнува проф. д-р Гривчева-Старделова.
Лекарската комора во континуитет е во комуникација со сите надлежни институции и активно се залага за надминување на предизвиците и подобрување на состојбите и очекува во претстојниот период да се постигне поширок општествен консензус и разбирање кај оние кои ги носат одлуките за потребата од процесирање на истакнатите забелешки. Патот на развојот на здравствениот сектор, како еден од главните општествени столбови, мора добро да се трасира и конзистентно да се работи на реализација на зацртаните мерки кои ќе имаат широк бенефит за здравствените работници и за пациентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Шкријељ: Понудата на ДПМНЕ е понуда за блокада на ЕУ, над 80 проценти од листите се истите пратеници
Составот на кандидатските листи за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема никаква промена во оваа партија. Ова е понуда за блокада на европскиот пат на државата, тоа е кристално јасно, истакна на денешната прес-конференција Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
„Над 80% од предложените кандидати за пратеници се истите кои досега спроведуваа активна блокада на македонското Собрание.
Освен блокада на европскиот пат на државата повеќе од 2 години Собранието е под опструкции, блокади, кочење, од страна на ВМРО-ДПМНЕ
Наместо за интересот на граѓаните и државата се спроведуваа теснопартиски инетерси а често слушнавме и навреди и омаловажувања кон жените-пратенички.
Во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите.
Беа против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во ЕУ.
Тропаа и вревеа со вувузели во парламентот“, вели таа.
Оценува дека граѓаните беа сведоци на одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од опозицијата.
Со истите лица на листите, Белата палата, според Шкријељ потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
В„о ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро, напротив.
Затоа, кристално јасно е.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад со ДПМНЕ далеку од ЕУ“, прецизира пратеничката на СДСМ.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.