Македонија
Грковска: Неопходен е координиран пристап за унапредување на состојбите во спортот
Подобра координација меѓу надлежните институции и спортските организации, подобрување на регулативата за спорт, како и интензивирање на активностите кај младите за да се укаже на потребата од здрав начин на живот, се прашањата на кои денеска заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска разговараше со експертите од EPAS (Enlarged Partial Agreement on Sport), во рамките на Советот на Европа, предводени од Софи Квасни, извршна секретарка на EPAS за Европската Повелба за спорт.
„Во рамките на активностите на мојот кабинет значајно внимание посветуваме на младите, но и на подобрување на состојбите во спортот, особено во делот на транспарентноста и правилно користење на средствата кои ги добиваат од државниот буџет. Спортот е значаен сегмент во општеството и затоа мора да имаме координиран пристап во подобрување на состојбите во оваа област“, оцени вицепремиерката Грковска.
Таа информираше дека изминатиов период организираше две јавни конференции на кои отворено се зборуваше за состојбите во спортот, од кои произлегоа соодветни заклучоци, врз основа на кои сега нејзиниот кабинет ја координира работната група составена од претставници од Агенцијата за млади и спорт, Министерството за правда и Државната комисија за спречување на корупцијата која работи на соодветни измени во Законот за спорт.
Од експертите од EPAS добивме целосна поддршка за започнатите процеси, при што истакнаа волја да дадат стручна поддршка и експертиза во процесот на подготовката на измената на законската регулатива.
Тие се согласија со ставот дека инвестирањето во младите и актуелизирањето на спортските активности е неопходно за здраво и функционално општество.
Во рамките на денешната посета на експертите од EPAS, кабинетот на вицепремиерката Грковска ги координираше средбите што ги имаа и со претставници од Агенцијата за млади и спорт, Канцеларијата на претседателот на Владата, Министерствата за финансии, за одбрана, за образование, како и за здравство.
Состаноци беа организирани и со претставници од ДКСК, ОБСЕ, Град Скопје, Федерација „Спорт за сите“, Национален олимписки комитет, Национална федерација за училиштен спорт, Параолимписки комитет, Национална федерација за искачување, Триатлон федерација, спортски новинари, карате и ракометни клубови, ракометна и кошаркарска федерација и други спортисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гласањето на затворениците и болните се одвива без проблеми, велат од ДИК
Денес, 2.569 гласачи своето право на глас ќе може да го остварат во 31 гласачко место во ДКП, каде што се пријавиле да гласаат, а чии пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.
На гласачките места во 14 казнено-поправни установи своето гласачко право денеска ќе може да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и двајца гласачи, кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија ќе го спроведат гласањето на лица што се болни или немоќни, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани, кои се пријавиле како болни или немоќни.
Денес, 534 гласачи, кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа, ќе имаат можност да го остварат своето право на глас во центарот во кој се сместени. Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми. Државната изборна комисија досега им издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари. На сите граѓани на располагање им се и интернет-страницата на ДИК, www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“, X, „Инстаграм“, како и каналот на „Јутјуб“, каде што ќе може да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.
Македонија
Инспекторатот ќе контролира дали работодавците ја почитуваат владината одлука за неработен ден
Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавци дека во согласност со заклучокот на техничката Влада деновите на изборите – 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) – се неработни за сите граѓани.
„Работодавците во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние кај кои работните процеси поради својата природа не може да се прекинат“, порачаа од Инспекторатот.
За наведените денови, Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали заклучокот на техничката Влада се почитува од страна на работодавците.
Македонија
ДИК објави упатство за гласање на претседателските избори
Пред утрешното гласање на првиот круг од претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) на својата официјална веб-страница објави повеќејазично упатство за гласање.
УПАТСТВО ЗА ГЛАСАЊЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ
1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во ДКП/КК.
2. Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат.
3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа, односно лична
карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.
5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку
гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му
недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.
6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен
матичен број (ЕМБГ).
7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во
електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот
или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ.
8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список.
9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, му задолжително се става печат на предната страна
на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот.
10. Гласачот добива едно гласачко ливче.
11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван.
12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско
пенкало со мастило во сина боја.
13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија.
14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација.
15. Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот
законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му
помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да
влијае врз одлуката на гласачот.
16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице.
17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.
18. Забрането е носење оружје на гласачкото место.