Македонија
Груби пред шведската амбасадорка зборувал за важноста на Охридскиот договор
Односите помеѓу Северна Македонија и Шведска, европските интеграции, Охридскиот договор и владеењето на правото се темите на кои се осврнале вицепремиерот и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби и амбасадорката на Кралството Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон, за време на денешната средба.
„За време на средбата со шведската амбасадорка Груби не остави без да ја спомене важноста на Охридскиот договор, оценувајќи го како единствен договор што е во функција на сите заедници коишто живеат во Северна Македонија и пример за надминување на проблемите и во други земји во регионот, но и пошироко“, информираат од неговиот кабинет.
Груби исто така рекол дека тој и неговиот тим ќе го направат невозможното за институциите во Република Северна Македонија да ја извршуваат својата работа без политичка инфлуенција и во овој случај да се овозможи законот да преовладува на најдемократски можен начин, да се засили борбата со корупцијата, не заборавајќи го и економскиот развој.
Како што информираат од кабинетот на Груби, тој пред шведската амбасадорка истакнал и дека како прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се ангажира со сите капацитети со цел да се одржи кохезијата во владата.
Амбасадорката Бенгтсон ја изразила својата поддршка за Република Северна Македонија и истакнала дека пријателството воспоставено со текот на годините меѓу двете земји ќе продолжи да се продлабочува. Бенгтсон нагласила за време на состанокот дека Шведска ќе продолжи да биде силен партнер за кохезијата на земјата и силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот пат кон интеграцијата кон Европската Унија.
Бенгтсон и Груби за време на денешната средба разговарале и за други прашања во земјата, како и за други случувања со кои се соочува регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нашата идна Влада ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Идната влада ќе имплементира модел за намалување на цените и ограничување на маржите на лековите и медицинската опрема. Народот не смее да го преплаќа лекот.
Ќе се спроведе ревидирање и модернизирање на позитивната листа на лекови со вклучување на најголем дел од основните лекарства кои граѓаните ги користат.
Лековите мора да се издаваат согласно потребите на пациентот, со персонализирана и индивидуализирана терапија. ВМРО-ДПМНЕ има за цел да го крене здравството на сосема ново ниво“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.