Daily news
Груевски: Тие нудат празни зборови, ние работа – тие уништуваат, ние градиме
Тие не знаат како да ја водат економијата и општините, тие нудат празни зборови, ние работа, тие уништуваат, ние градиме – затоа што ние сме ВМРО, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот централен и завршен митинг пред Владата на Македонија во Скопје.
– Ви ја најавивме новата ера и сите проекти кои ги предвидуваме и планираме во иднина во Македонија. Слушнавте за новите најмалку 150.000 нови работни места кои ќе бидат отворени во Македонија, односно пад на невработеноста под 10 отсто. За двојно намалена невработеност кај младите. За 2.5 пати повисок приход по жител – односно од 5 на 12 илјади долари. Нова ера на најниски даноци. Поголеми плати, пензии, субвенции. Новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, новата ера во која ќе имаме парк во секое маало. Нова ера во која учениците од прво до петто ќе имаат бесплатен здрав оброк на училиште, со што ќе обезбедиме здрава исхрана за учениците и заштеди за семејствата. Новата ера која ќе донесе можности за граѓаните за стекнување сопствен дом по симболична почетна цена од само 1 евро по квадратен метар на земјиштето и ќе ги укинеме и намалиме трошоците за комуналии. За отпис на долгови за вода и ѓубретарина на социјално загрозени семејства. Сакам искрено да ги прашам моите сограѓани во Република Македонија, рече Груевски.
Тој ги праша илјадниците луѓе што им кажаа другите? Што им соопштија во нивната кампања?
– Само Груевски, Груевски и Груевски. Секој ден зборуваат за Груевски, навредуваат, манипулираат, без да кажат некоја конкретна понуда зошто да гласате за нив. Викаат гласајте против Груевски, без да кажат зошто да гласате за нив. Зошто? Затоа што сè што може да направат е да фрлаат кал кон нас, да измислуваат лаги за нас и да користат само и само празни зборови. До каде отидоа во нервозата која им поминува во агресија, се виде вчера во Штип. Ги навредија луѓето дека се „блесави и налудничави“. Замислете, овој човек без ронка перде и срам направи сериозен скандал вчера, настапувајќи агресивно и со купишта навреди кон македонскиот народ, нарекувајќи ги луѓето блесави и налудничави ако не гласаат за него. Јас такви луѓе не гледам ниту познавам. И тие и вие, и цела Македонија се домаќини луѓе, паметни и разумни, честити, искрени и работници. Овие луѓе многу добро знаат што се случува. Овие луѓе ќе ја испорачаат казната на 15 октомври и ќе му порачаат директно што мислат за сите овие навреди кон сопствената држава и сопствениот народ. Значи што видовте од нив во оваа кампања? Ништо – нагласи Груевски.
Тој додаде дека видовме дека од вториот ден од кампањата почна со негативна кампања. Пуштаат ли пуштаат негативни спотови.
– Многумина наши поддржувачи и пријатели ни велеа и нè прашуваа зошто не пуштаме и ние негативна кампања, зошто не пуштаме спотови на телевизија со погубниот договор од Бугарија, зошто нема негативна кампања за нивниот понижувачки однос виза ви бројни национални прашања, зошто не се осврнуваме во детали за криминалите кои ги прават секојдневно со една неверојатна леснотија и потценување мислејќи дека некој ќе им прости или нема да ги разбере, катастрофалните одлуки под притисок за разни судски случаи, или за пуштање на слобода на бројни криминалци, криумчари на дрога, злосторници… Немаме негативна кампања затоа што знаеме дека сите вие, граѓаните на Македонија, сето тоа го гледате и нема потреба од посебна кампања за тоа, тоа е толку јасно и негативно само по себе што нема подобра негативна кампања од секој еден поминат работен ден на оваа власт. Но, ова не треба да нè охрабрува, грешките што ги прават се на штета на сите граѓани и на целата држава, и мора да им се испрати порака на овие избори, за да не забегаат, и додека сè уште има време. Не смее да се пропушти оваа шанса, не смее да се потценат овие избори и мора сите заедно гордо да излеземе и да покажеме што значи Македонија и од што ков сме направени – истакна Груевски.
Тој вели и дека денот по утрото се познава и дека од опозицијата ништо добро не може да се очекува за државата и за граѓаните.
– Тие немаат проекти како нашите, тие немаат визија, соништа и капацитет за да го реализираат сето тоа. Не само што се неспособни за да ги остварат ветувањата кои ги даваат туку и со нивната неспособност ги прават работите уште полоши. Тие не знаат како да ја водат економијата и општините. Единствено нешто што го знаат е како да оцрнуваат и лажат. Тие нудат празни зборови, ние нудиме РАБОТА! Тие уништуваат, ние градиме. Затоа што ние сме ВМРО, ние создаваме, ние успеваме, ние го исполнуваме она што ви го зборуваме и ветуваме! Коалицијата за подобра Македонија работи, гради, решава проблеми и унапредува – заврши Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.