Македонија
Грујевски и Бошкоски нема да бидат екстрадирани, одлучи Врховниот суд во Атина
Горан Грујевски и Никола Бошкоски нема да бидат екстрадирани во Македонија за да им се суди за децениското нелегално прислушување. Врховниот суд во Атина одлучил дека двјацата не треба да бидат испорачани во земјата бидејќи нема услови тука да им се овозможи фер судење.
Главниот аргумент на грчкиот Врховен суд да не ги екстрадира во Македонија била амнестијата што ја направи претседателот Ѓорге Иванов пред две години. Во листата со амнестирани беа 57 лица, а меѓу нив и Грујевски и Бошковски. Тамошниот суд одлучил дека еднаш донесена одлука за амнестија не може да биде повлечена.
Тие, најверојатно, од понеделник ќе излезат од екстрадицискиот притвор во близина на Солун, каде што се сместени веќе осум месеци по апсењето на солунскиот аеродром со лажни пасоши. Двајцата во Грција чекаат и политички азил за кој е закажано и судско рочиште. Ги чека и судски процес за пасоши со лажни идентитети на име Христо Атанасов и Неџми Хасан при обидот да избегаат во Будимпешта од солунскиот аеродром.
Претходно судот во Солун одлучи дека поранешните оперативци на УБК треба да бидат екстрадирани во Македонија. Според грчките закони, последниот збор за екстрадиција на Грујевски и Бошковски ја има грчкиот министер за правда, кој може да пресече дали ќе има екстрадиција или не.
Во земјата Грујевски и Бошкоски се обвинети во случајот „Таргет – Тврдина“ дека преку три системи за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. Покрај нив, обвинети се и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски. Рочиштето за овој предмет е повеќепати одложувано бидејќи се чекаше на одлуката за нивна екстрадиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Како што ветив, платите се за 12% повисоки за културните работници
Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти.
Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.
„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.
Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.
Пред две недели од Министерството за култура кажаа дека нема промени во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Единствена промена била внесувањето на минималната плата во диспозитивот на договорот.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.