Македонија
Данска смета дека Северна Македонија е подготвена да почне преговори со ЕУ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска му беше домаќин на министерот за надворешни работи на Кралството Данска, Јепе Кофод, кој престојува во возвратна работна посета на нашата земја, но истовремено се наоѓа и на регионална турнеја во земјите од Западен Балкан.
На средбата од страна на министерот Кофод беше најавена данската донација од еден милион вакцини за регионот на Западен Балкан, од кои 250 илјади за Република Северна Македонија, при што Османи истакна: „Имајќи го предвид предизвикот на брзината на ширење на новиот бран на пандемијата, оваа донација на значителна количина вакцини е навистина навремена во период кога во земјата тече сериозна кампања за масовна имунизација на населението, што е секако многу важно за нас“.
Централна тема на средбата беше секако и европското досие на Северна Македонија, како и на целиот регион на Западен Балкан.
Данска смета дека Северна Македонија е подготвена да почне со преговори за членство во Европската Унија. Кофод изрази надеж дека подоцна годинава можно е да биде донесена таква одлука и сите 27 земји членки на ЕУ да застанат зад неа.
„Цврсто застануваме зад Северна Македонија и ги поддржуваме реформите што земјата ги презема изминатите години, но и претходно“, рече Кофод.
Министерот Османи посочи дека цврстиот и принципиелен став на Кралството Данска за строг, но фер пристап во процесот на проширување, истовремено се принципи што се втемелени и во новата методологија за процесот на преговарање и ваквиот фер пристап е она што и ние го посакуваме.
„Сметаме дека таквиот пристап е и во наш интерес, принципи што и нас нѐ ставаат во состојба на засилена европеизација на нашето општество. Сакам јасно да посочам дека Данска за нас е навистина сериозен партнер, искрен пријател и цврст поддржувач на нашите европски интеграции“, нагласи Османи во контекст на европските перспективи на земјата.
Министрите разговараа и за актуелните глобални предизвици, кои во моментот се во фокусот на политичкиот интерес и на двете земји, за непредвидливоста на состојбите во Авганистан, кои преставуваат потенцијално жариште за нова хуманитарна криза. Како НАТО-земји, министрите се согласија дека најпрвин треба да им се помогне на оние граѓани што изминативе 20 години беа наши сојузници при нашата мисија во Авганистан, а чии животи и безбедноста на нивните семејства е загрозена.
Соговорниците ја искористија оваа средба и да разговараа за можностите од продлабочување на економските односи и меѓусебната поддршка во мултилатералните организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.