Македонија
Две македонски зелени идеи наградени на регионален натпревар
Од 9-ти до 12-ти јули, во Тирана-Албанија, по 8-ми пат, се одржа регионалниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“. Во текот на два дена, 21 учесници од 7 земји ги презентираа своите иновативни, зелени идеи и се бореа за една од четирите награди во вредност од 10 000 долари. Меѓународното експертско жири за победници ги прогласи македонските зелени идеи „Challenger“ претставена од Олга Рајчиќ и „Производство на био-смарт ориз“ претставена од Јорданчо Лефков, идејата на Стаматина Маја Мошандру од Грција „Енергија која припаѓа на заедниците“ и идејата на Салко Ужичанин од БиХ „Соларни панели SolHeat“.
Низ годините натпреварот има инспирирано и инвестирано 220 000 долари во 22 зелени бизнис идеи како поттик на одржливиот развој на Балканот, и како доказ дека граѓаните и малите заедници можат да понудат иновативни, зелени, инклузивни бизнис идеи кои се одговор на еколошките и економските предизвици во секоја од земјите.
По четврти пат македонски зелени идеи се наградени на регионално ниво, и досега вкупно 6 македонски победнички идеи имаат освоено по 10 000 долари за реализација на зелените бизниси.
„Двете награди за нашата земја се доказ дека ние имаме идеи, луѓе и посветеност да бидеме лидери во зелената економија. Ние во АРНО гледаме на овој натпревар не само како на извор на финансии и поддршка за локални бизниси, туку и како инспирација и охрабрување за сите наши граѓани за зелена економија и социјално претприемништво. Горди сме, оваа година конкуренцијата беше голема и силна, ние многу се подготвувавме со нашите натпреварувачи и, еве ги резултатите- си дојдовме дома со 2 од 4 награди. За ова ни помогна и нашето национално експертско жири кое ги препозна и избра нашите претставници. Благодарни сме на жирито, партнерите, медиумите и сите што се дел од оваа приказна“, изјави Ирина Јаневска од „АРНО“.
„Регионалниот натпревар во Тирана беше едно незаборавно искуство. Да бидете опкружени со луѓе од регионот кои ја имаат истата пасија, да создадат бизнис за одржлива иднина е навистина единствено чувство. Овој натпревар дополнително ни ја врати вербата дека и на Балканот може да се случат позитивни промени. Пресреќни сме што ја добивме наградата, но токму ова значи дека сега треба да работиме уште понапорно за да ја оправдаме дадената доверба. Ние веруваме дека Challenger ќе стане Балканска алатка која ќе биде мотиватор за создавање одржливи и зелени заедници.“ изјави Олга Рајчиќ која го претставуваше тимот кој стои позади идејата „Challenger“
„Наградата, која ја добивме на натпреварот во Тирана значи потврда за се’ она што ние го работиме последните неколку години со “Програмата за зачувување на природата”, координирана од „Фармахем”. Тоа е трансформација на неодржливиот модел на оризопроизводството во одржлив модел. Наградата е поттик за нас да продолжиме со нашите настојувања, да ни’ се приклучуваат повеќе фармери, да направиме голема приказна за производството на ориз, со настојување да се заштеди на инпутите, водата, семенскиот материјал, а во исто време да се има подобра реколта, повеќе профит за фармерите, поквалитетен и безбеден ориз за исхрана, да се заштити здравјето на луѓето и животната средина. Ете тоа е “Био смарт ориз”, нов производ, сертифициран, при што со помош од наградата од 10.000 долари за нашето здружение од овој натпревар, ќе го лансираме на пазарот веќе од наредната година“ – изјави Јорданчо Лефков од Јадрената група за одржливо производство на ориз “Оризова братимка” од Чешиново.
„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји. Натпреварот е поддржан од Фондацијата на браќата Рокфелер од САД, координиран од Балканската зелена фондација (Balkan Green Foundation) и имплементиран од националните фондации во секоја од земјите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.
Македонија
Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.
Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.
Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.