Македонија
Делегација од Бундестагот воодушевена од квалитетот на македонските кандидати кои се пријавуваат за парламентарна стипендија
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со членовите на Комисијата од Бундестагот на Германија за избор на стипендисти од Македонија за ИПС-програмата.
На средбата присуствувале германскиот пратеник Штефан Албан и членовите на комисијата, Андеас Трампе од администрацијата на Бундестагот, како и Елмар Кулке, декан на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин.
Како што информираат од прес-службата на Собранието, во своето излагање Џафери изразил големо задоволство за реализацијата на парламентарната стипендија ИПС на Бундестагот, со што директно се придонесува младите луѓе да станат мост меѓу парламентите, а воедно и учесници во реформите неопходни за евроинтеграциските процеси.
Албан го искажал своето воодушевување од квалитетот на кандидатите што се пријавуваат од Република Македонија за парламентарната стипендија во Бундестагот и нивната желба да се вратат и своите искуства и знаења да ги пренесат во својата земја.
Во однос на евроинтеграциските процеси, како член на работната група за Западен Балкан и парламентарната група за пријателство за односите со Југоисточна Европа, каде што спаѓа и Република Македонија, Албан ја искажал нивната целосна поддршка за сите преземени чекори во изминатиот период во насока на унапредување на евро-атлантските аспирации на земјата, особено на договорот потпишан со Грција.
Присутните се согласиле дека соработката треба да се интензвира на сите нивоа, особено на ниво на парламентарните комисии, но и на ниво на поддршка и помош за парламентарната администрација преку конкретна размена на мислења и искуства за поглавјата по почнувањето на преговорите за членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.