Македонија
Демократскиот сојуз бара разговори со политичките лидери за промените во Изборниот законик
Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денеска, до лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, како и до лидерите на други политички партии, упати иницијатива за одржување средби на кои ќе се разговара за потребата од измени на Изборниот законик.
„Во барањето за средби со лидерите на партиите се нагласува дека неодамна Демократскиот сојуз до Собранието на Република Северна Македонија достави иницијатива за измена на Изборниот законик, со која се предлага, наместо шест, Македонија да биде една изборна единица, при што и натаму да остане пропорционалниот изборен модел без изборен праг“, велат од партијата.
Демократскиот сојуз смета дека со овие промени парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, ќе јакне одговорноста на извршната и другите власти, за круцијалните државни и прашања од интерес на граѓаните ќе се носат одлуки со сериозна дебата во парламентот, ќе се создадат услови за владеење на правото, ефикасна борба против криминалот и основни предуслови за економски развој.
Со овие измени, велат од ДС, како и со промените на начинот на финансирање на партиите, медиумската кампања и други клучни промени, ќе се создадат услови за еднакви шанси на сите партии, што е од интерес на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.