Македонија
Демократскиот сојуз: Непримерно е да се предлага премиер исклучиво според етничка припадност
Демократскиот сојуз смета дека во граѓанска држава, каде што сите етнички заедници ги уживаат највисоките човекови права, непримерно е една политичка партија, која ги застапува етничките Албанци, да предлага премиер на македонската влада исклучиво според неговата етничка припадност.
Албанците, како и сите други припадници на помалите етнички заедници во Македонија, треба да имаат еднакви шанси и можности да ги извршуваат највисоките функции во државата, вклучително и функциите премиер и претседател, но тоа не смее да зависи од политички уцени на етничка политичка партија, велат од партијата.
„Демократскиот сојуз потсетува дека Македонија е демократска држава со парламентарна демократија, каде што мандатарот и кандидатот за премиер го избира парламентарното мнозинство и наместо наметнување етнички критериуми за негов избор, потребно е да се промовираат квалитетот на личноста, неговиот углед во јавноста и прифаќањето од најголемиот број граѓани“, наведуваат од Демократскиот сојуз.
„Доколку Демократската унија за интеграција е искрена во своите намери и со ваквиот предлог нема намера единствено да лови националистички гласови во својот етнички табор, Демократскиот сојуз ја повикува да се согласи на предлогот за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи.
На тој начин, сите граѓани, независно од нивната етничка, верска или родова припадност, ќе може со својата кандидатура, на разни партиски и граѓански отворени листи, да се изборат за гласовите на граѓаните и да добијат легитимитет да ги извршуваат највисоките државни функции според својот углед во јавноста. Без оглед дали е некој Албанец, Турчин, Србин, Бошњак, Влав, Ром или Македонец, ако ги освои симпатиите на граѓаните, ќе може да раководи со државата, а не затоа што ќе го предложат водачите на етничките политички елити“, се додава од патијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.